Милијардерите од технолошкиот сектор кои се обидуваат да постигнат бесмртност и да живеат вечно го губат своето време, тврди професорот Џим Ал-Калили, истакнат британски физичар.
Додека некои обични луѓе посегнуваат по нерегулирани инјекции со пептиди, ледени бањи и додатоци во исхраната што наводно го забавуваат стареењето, ултрабогатите се стремат кон бесмртност преку уште подрастични зафати: милијардерот Брајан Џонсон дури се обиде да си вбризга плазма од својот седумнаесетгодишен син – иако подоцна изјави дека не видел никаква корист од тоа, пренесува „Гардијан“.
Професорот Џим Ал-Калили, кој оваа година треба да ги одржи Божикните предавања на Кралската институција (Royal Institution) на тема време, изјави дека луѓето што трошат енергија обидувајќи се да живеат вечно, можеби го пропуштаат животот во сегашноста.
„Имаме ограничен временски период на постоење во универзумот. И колку повеќе ја проучувам природата на времето, колку повеќе размислувам за тоа, толку повеќе сфаќам дека едноставно сакам максимално да го искористам времето што го имам“, рече тој, додавајќи:
„Овде сме само колку едно трепкање на окото во споредба со староста на универзумот. Ако го потрошам тоа трепкање обидувајќи се да го продолжам на две трепкања, не сум сигурен дека тоа е навистина вредна работа на која би требало да се потроши животот.“
Ал-Калили одамна е фасциниран од времето. Како дете, бил збунет кога неговиот татко, кој бил инженер, рекол дека никој навистина не разбира што е времето.
„Немав претстава за што зборува“, рече тој. „Дури откако ќе се обучите за физичар, сфаќате дека концептот на времето – нашето секојдневно сфаќање за времето – е всушност прилично далеку од начинот на кој размислуваме за времето, особено во физиката.“
Времето не тече со иста брзина за сите
Меѓу другите примери, Ал-Калили истакнува дека познатиот теоретски физичар Алберт Ајнштајн открил оти времето не тече со иста брзина за сите.
„Она што јас би го нарекол една секунда, за тебе би било подолго од една секунда ако летам покрај тебе во ракета носејќи го мојот часовник“, рече тој. „Јас би рекол: ‚Види, помина една секунда‘. А ти би рекол: ‚Не, всушност поминаа пет секунди‘. Сè што правиш, се случува во забавена снимка.“
Гравитацијата, додаде тој, исто така игра улога. „За мене, тоа е најчудниот аспект од сето тоа – фактот дека времето тече со различна брзина во зависност од јачината на гравитацијата“, нагласи тој.
Работата на Ајнштајн може да фрли светлина и врз една божикна загатка: како духовите на Божик од минатото, сегашноста и иднината можеле да се појават во иста ноќ за да го преплашат Ебенезер Скруџ во делото „Божикна приказна“ од Чарлс Дикенс.
Ал-Калили вели дека, според Ајнштајн, сите времиња постојат истовремено – минатото, сегашноста и иднината – исто како што постојат сите точки во просторот.
„Проблемот, се разбира, е во тоа што ние секогаш го доживуваме само сегашниот момент“, рече Ал-Калили. „Затоа, идејата зад ‚Божикна приказна‘ е прекрасна бидејќи ја истакнува претпоставката дека времињата можеби не се одвоени – дека можеби би можеле да се поврземе со луѓе, со некој од минатото или со некој од иднината. Но, се разбира, во теоријата на релативноста, тоа подразбира патување низ времето.“
Патувањето низ времето е уште една тема што Ал-Калили планира да ја истражи во своите божикни предавања.
„Математички гледано, можно е да се патува наназад низ времето“, вели тој. Реалноста, сепак, е малку посложена – наликува на возење по јамка на ролеркостер.
„На ролеркостерот се движите напред, а сепак на крајот се движите наназад и се враќате на почетната точка. Патувањето низ времето функционира на истиот начин. Она што во релативноста се нарекува ‚затворена временска крива‘ е област од простор-времето толку искривена и свиткана од гравитацијата, што патувате по патека што изгледа како движење напред низ времето, но всушност правите круг низ простор-времето и се враќате во момент пред да започнете“, рече тој, додавајќи:
„Проблемот, се разбира, е во тоа што повеќето физичари сметаат дека тоа мора да е невозможно, бидејќи патувањето во минатото води до разни парадокси.“
Патувањето во иднината е, барем теоретски, полесно
„Тоа се постигнува преку забавување на времето – или со патување со брзини блиски до брзината на светлината, или со постапката што ја прави ликот на Метју Меконахи во филмот ‚Интерстелар‘: кружење околу супермасивна црна дупка со толку силно гравитациско поле што – мислам дека така беше во филмот – за секој час поминат во близина на таа црна дупка, на Земјата поминуваат седум години“, рече тој.
Вечната потрага по вечен живот
Вечниот живот е нешто кон што луѓето се стремат уште од првиот запишан еп – „Епот за Гилгамеш“. Сепак, со напредокот на технологијата, многумина веруваат дека бесмртноста ни е на дофат.
Додека Гилгамеш верувал дека може да ја победи смртта со помош на мистериозно растение, подоцнежните методи за продолжување на животот примениле поинаков пристап, како што е прикажано во романот „Франкенштајн“ од Мери Шели. Денес се смета дека постојат неколку начини за постигнување на оваа цел: дигитална реинкарнација или пренос на умот, замена на остарени или заболени органи со такви одгледани во лабораторија, клеточно подмладување преку нанотехнологија...
Контроверзниот футурист Реј Курцвајл неодамна изјави дека „по 2032 година, никој повеќе нема да умира од старост“, додека невронаучникот д-р Ариел Зелезников-Џонстон рече дека потребната технологија веќе постои и чини приближно колку половен автомобил од средна класа.
Сепак, повеќето научници се многу повнимателни во однос на овие прашања и не веруваат дека е можно толку лесно да се надминат природните граници на човечкиот животен век.
Оваа тема привлекува не само технолошки милијардери, туку и политичари. На пример, пред околу една година, рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг беа снимени како разговараат за тоа дали е можно животот да се продолжи до 150-годишна возраст.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата