Во 2024 Јапонките имале највисок животен век во светот, што е четврта последователна деценија во која се на врвот на листата, покажаа официјалните податоци објавени денес. Нивниот просечен животен век e 87,13 години, што е мало намалување од 0,01 година во споредба со 2023 година, објави „Кјодо“.
Очекуваниот животен век на мажите остана непроменет на 81,09 години, но нивната позиција на глобалната ранг-листа падна од петто на шесто место, соопшти јапонското Министерство за здравство, труд и социјална помош.
По Јапонија на глобалното рангирање за жени следуваат Јужна Кореја со 86,40 години и Шпанија со 86,34 години. Кога станува збор за мажи, Шведска го освои првото место со 82,29 години, по што следуваат Швајцарија со 82,20 и Норвешка со 81,59 години, објави Министерството.
Очекуваниот животен век и за мажите и за жените се намали во 2021 и 2022 година, главно поради влијанието на пандемијата COVID-19, но се зголеми во 2023 година.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата