Освен што е освежителнa, лубеницата содржи голем број хранливи материи кои ја поддржуваат хидратацијата, здравјето на срцето и имунитетот, објавува Index.hr.
Нутриционистката Меги Михалчик објасни за порталот „Eating Well“ дека редовната консумација на лубеница може да влијае на целокупното здравје.
Помага со хидратација
Како што објаснува нутриционистката, лубеницата е „богата со вода, што ја прави одличен избор за хидратација и одржување на електролитната рамнотежа бидејќи содржи калиум и магнезиум“.
Бидејќи лубеницата содржи дури 92 проценти вода, нејзината консумација може да придонесе за дневните потреби за течности – 2,7 литри за жени и 3,7 литри за мажи.
Извор на антиоксиданси
Лубеницата ја должи својата виолетово-црвена боја на ликопенот, моќен антиоксиданс кој помага во борбата против слободните радикали и може да го намали ризикот од хронични заболувања како што се срцеви заболувања и невродегенеративни заболувања.
Покрај ликопенот, тука се и витаминот Ц и бета-каротен, кои дополнително ги поддржуваат заштитните функции на телото.
Го поддржува имунолошкиот систем
„Лубеницата е добар извор на витамини А и Ц, кои се клучни за здравјето на кожата и имунитетот“, објаснува Михалчик.
На пример, витаминот Ц може да помогне во спречување, па дури и лекување на инфекции, а антиоксидансите во лубеницата дополнително го зајакнуваат имунолошкиот одговор.
Придонесува за здравјето на срцето
Истражувањата покажуваат дека ликопенот може да помогне во намалувањето на нивото на холестерол и шеќер во крвта, со што се намалува ризикот од кардиоваскуларни заболувања.
Ова омилено летно овошје не содржи масти, холестерол и натриум, а неговиот низок гликемиски индекс е дополнителна придобивка за здравјето на срцето и стабилноста на шеќерот во крвта.
Дали лубеницата е безбедна за сите?
Во повеќето случаи, лубеницата е безбедна за јадење, но постојат неколку исклучоци. Луѓето кои имаат проблеми со регулирање на шеќерот во крвта, како што се дијабетичарите, треба да внимаваат на внесот поради природниот шеќер.
Исто така, луѓето кои се алергични на полен или одредени овошја (праски, целер, домати, портокали) може да доживеат состојба наречена синдром на орална алергија.
Симптомите вклучуваат чешање или оток во устата и грлото, и важно е, во овие случаи да се побара лекарска помош.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата