61-годишен маж почина од тешки повреди откако бил повлечен од силното магнетно поле на магнетна резонанца додека носел дебел метален ланец околу вратот.
Несреќата се случила пред неколку дена во медицинска установа на Лонг Ајленд, а локалните власти ја потврдија во петок.
Според соопштението од полицијата на округот Насау, 61-годишникот не бил пациент, туку го придружувал лицето кое требало да го направи снимањето. Тој влегол во собата каде што се наоѓа уредот без дозвола, додека имал дебел метален ланец околу вратот.
Влегол во собата поради вресок на член на семејството
Сведоци изјавиле за американската телевизиска станица Си-Би-Ес дека човекот ги игнорирал предупредувањата на персоналот да не влегува во собата додека апаратот работи. Наводно го направил ова затоа што член на неговото семејство кој бил на преглед побарал помош. Според американските медиуми, станувало збор за неговата сопруга која врескала.
Несреќниот човек веднаш по инцидентот претрпел повреди опасни по живот, бидејќи моќниот магнет го повлекол со сета сила, а еден ден подоцна починал во Универзитетската болница Норт Шор.
Доктор: Можно задушување и повреди на вратниот 'рбет
Официјалната причина за смртта сè уште не е објавена, но лекар од болницата Норт Шор за CBS објаснил што можело да се случи:
„Доколку ланецот бил завиткан околу вратот, можам да замислам различни видови повреди што можеле да резултираат со задушување. Можело да има задушување или тешки повреди на вратниот 'рбет.“
Полицијата спроведува истрага, но засега не се сомнева во кривично дело.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата