Група од 50 пратеници од Долниот дом на британскиот парламент побара од властите да го забранат прикажувањето на рускиот анимиран серијал „Маша и Медвед“, тврдејќи дека станува збор за „суптилен облик на руска пропаганда“, пренесуваат медиумите. Пратениците упатија писмо до министрите откако американската компанија „Нетфликс“ ги откупи правата за прикажување на уште две сезони од овој детски цртан филм, пренесува „Гардијан“.
Во писмото се наведува дека британските власти треба да разгледаат забрана за емитување на серијалот, бидејќи тој, според оценката на пратениците, претставува „пријатен облик на руска пропаганда“. Како спорни сцени се издвоени епизодите во кои главната јунакиња Маша носи тенковска капа и униформа од советскиот период, како и епизодата во која, според тврдењата на пратениците, таа носи капа која потсетува на униформата на советските граничари, историски поврзувани со НКВД. Тие сметаат дека со тоа наводно се нормализира советската воена симболика.
Иницијативата ја предводеше пратеникот од Либерално-демократската партија, Том Гордон, а пратениците, меѓу другото, се повикуваат и на ставот на украинските власти дека „Маша и Медвед“ е инструмент на руската „мека моќ“.
Компанијата „Анимакорд“, која го произведува и дистрибуира серијалот, целосно ги отфрли овие обвинувања. Нивниот портпарол, Мелани Бонвичино, изјави дека клиентот категорично ги отфрла неточните и дискредитирачки тврдења дека „Маша и Медо“ е поврзана со каква било пропаганда. Таа додаде дека „Анимакорд“ е сопственост на приватна компанија која никогаш нема добиено државно финансирање.
„Маша и Медо“ е анимиран серијал на руското студио „Анимакорд“, преведен на повеќе од 40 јазици и се емитува во голем број земји широм светот. Според податоците на компанијата, серијалот во 2020 година беше вврстен меѓу петте најомилени забавни цртани филмови во светот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата