Во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје беше промовирано македонското издание на книгата „60 икони на Мајката Божја“ од француската авторка Аријан де Сен-Марк, збирка иконографски претстави на Богородица од 7. до 15. век. Книгата ги опфаќа најзначајните иконографски типови на Богородица, нивниот теолошки, историски и уметнички контекст, како и нивната улога во византиската и западната традиција.
Аријан де Сен-Марк рече дека нејзиниот интерес за византиската уметност започнал спонтано, но прераснал во долгогодишно истражување.
„Јас сум пред сè уметник, не писателка. Мојот интерес за христијанството и византиската уметност се појави случајно, но со текот на времето прерасна во големо истражување. Патував од Финска до Етиопија, а речиси две децении ги истражувавме црквите, манастирите и музеите во Македонија и регионот“, рече таа.

„Вашите цркви и манастири се вистинско богатство, кога ќе ги посетите, потребно е време за да се восхитите на фреските и мозаиците и да се обидете да ги разберете“, додаде Де Сен-Марк.
Промоторката на книгата, проф. д-р Елизабета Димитрова, кажа дека од 60-те претстави на Богородица опфатени во изданието, дури десет се од македонски цркви. Таа посебно се осврна на фреската избрана за корицата на книгата „Успение на св. Богородица“ од црквата „Св. Ѓорѓи“ во Полошко.
„ Фреската од Полошко не е случајно избрана. Таа е една од најрепрезентативните меѓу сите 60 примери бидејќи прикажува исклучително емотивен момент во кој Христос ја напушта својата божествена аура за да ја бакне својата мајка, која спокојно почива“, рече Димитрова.
Промоцијата беше и омаж на преведувачот Тихомир Јанчовски, чиј превод од француски е негово последно дело. Тој почина на 58 години на 30 јануари. За неговиот придонес говореше неговиот долгогодишен пријател Сашо Гигов-Гиш, кој рече дека „неговото творештво ќе остави длабок печат во македонската култура“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата