Кристалното јајце на Фаберже, украсено со дијаманти, кое некогаш ѝ припаѓало на руската царска фамилија, е продадено за рекордни 22,9 милиони фунти (30,2 милиони долари) во Лондон.
„Зимското јајце“ – кое се смета за едно од најубавите дела на славниот изработувач на накит – во вторникот го купил анонимен купувач, соопшти аукциската куќа Кристи, пренесува BBC.
Јајцето е украсено со 4.500 дијаманти, а го нарачал царот Николај II во 1913 година како божиќен подарок за својата мајка, царицата-вдовица Марија Фјодоровна.
Претходниот рекорд за јајце на Фаберже изнесувал 8,9 милиони фунти, платени на аукција во 2007 година.
Како што беше соопштено од Кристи, резултатот од аукцијата претставува нов светски рекорд за Фаберже, потврдувајќи го трајното значење на ова ремек-дело.
Јајцето високо 8,2 см го создал Карл Фаберже, врз основа на дизајн на Алма Терезија Фил, една од само двете жени мајстори во компанијата за накит во Санкт Петербург.
Изрезбано е од горски кристал и украсено со дијаманти сечени во форма на роза, како и со мотиви на снежинки од платина, а јајцето се отвора и открива внатре кошничка со букет бело кварцно цвеќе.
Јајцата се изработувале од 1885 до 1917 година, кога царот Николај II бил принуден да абдицира.
Традицијата со јајцата ја започнал цар Александар III, кој секој Велигден ѝ подарувал јајце на својата сопруга, додека неговиот наследник Николај II подароците ги давал на својата сопруга и на својата мајка.
По погубувањето на цар Николај II и неговото семејство во 1918 година, лондонски трговец го купил јајцето за 450 фунти, откако осиромашените комунистички власти во 1920 година продале дел од руските уметнички богатства.
Јајцето неколку пати го менувало сопственикот и две децении се верувало дека е изгубено, сè додека повторно не се појавило на аукција во Кристи во 1994 година, со проценета вредност од седум милиони швајцарски франци, а билo повторно продадено во 2002 година за 9,6 милиони франци.
Куќата Фаберже изработила само 50 јајца за руската царска фамилија Романови, а Царското зимско јајце е едно од само седумте што останале во приватна сопственост.
Останатите јајца или се исчезнати или се во сопственост на институции или музеи.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата