Пензионираниот британски државен службеник Дерек Ричи (63) се соочува со принудно враќање на 28.640 евра преплатени пензиски бенефиции, кои ги добивал во текот на претходните 11 години, врз основа на неточна пресметка од 2014 година, објавија надлежните служби.
Во писмо испратено до Ричи во март, службите се извинија „за евентуалните непријатности“ и го информираа дека може да ги врати парите преку банкарски трансфер или на рати, пишува денес „Гардијан“.
Ричи веднаш побарал објаснување, кое, како што вели, не го добил.
Три месеци потоа, на Ричи му се заканиле со тужба ако не почне да прави надомест.
„Во последните 11 години донесував одлуки и планови врз основа на бројките што ми беа дадени, а грешката ќе ми предизвика значителни тешкотии“, рече Ричи, на кого по грешката му биле препишани лекови за депресија и анксиозност.
Тој планираше целосно да се пензионира во 2027 година, но рече дека ќе мора да се врати на работа за да го отплати долгот.
Ричи е еден од стотиците пензионери погодени од административни грешки во шемата што ја води „MyCSP“, која во 2019 година призна дека се обидува да врати неколку милиони евра од повеќе од 2.000 пензионери.
Грешките беа откриени за време на ревизијата, но преплаќањата на Ричи првично не беа забележани, туку постепено се зголемија од околу 230 евра годишно на 4.500 евра.
Во октомври, парламентарна комисија го критикуваше управувањето со пензиските шеми и предложи системот да се врати под директна контрола на државните служби.
Во моментов, шемата премина во рацете на компанијата „Capita“, која ветува дека ќе ги модернизира и подобри услугите за пензионерите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата