Радика Јадав (25), поранешна тенисерка која се натпреваруваше на национално ниво во Индија, трагично го загуби животот кога, според полицијата, била застрелана од нејзиниот татко во нивниот луксузен дом во Гуруграм, во близина на Њу Делхи.
Трагедијата се случила во средата наутро, додека Радика подготвувала појадок. Таткото Дипак Јадав (49) испукал пет куршуми од својот легален револвер, од кои три ја погодиле неговата ќерка во грбот, објавија странските медиуми.
Иако нејзиниот чичко и братучед веднаш ја однеле во болница, лекарите можеле само да ја прогласат за мртва.
Според полицијата, Јадав го признал убиството, велејќи дека бил депресивен и под притисок бидејќи селаните од селото Вазиријабад му се потсмевале затоа што живеел од успехот на неговата ќерка, додека тој самиот „не направил ништо“.
Радика неодамна отворила тениска академија, на што нејзиниот татко постојано се противел, молејќи ја да ја затвори академијата. Сепак, таа одбила да се откаже од својот сон.
Според истражителите, непосредно пред убиството, избувнала жестока расправија меѓу таткото и ќерката во нивниот дом.
Чичкото Кулдип, кој живее на приземјето од истата куќа, рече дека го слушнал истрелот и веднаш истрчал горе, каде што ја нашол Радика како лежи во локва крв во кујната. Револверот, според него, бил фрлен во дневната соба.
As Reported, The fellow villagers taunted Radhika's father for living off his daughter’s earnings.
— The Khel India (@TheKhelIndia) July 10, 2025
She was shot with 3 bullets while preparing meals in the kitchen from behind at point-blank!
Rest In Peace, Radhika Yadav 💔 https://t.co/Ibpx9mH471 pic.twitter.com/efRJs2pJUd
„Веднаш ја ставивме во автомобилот и ја однесовме во болницата Азија Маринго, но веќе беше предоцна“, рече тој.
Во времето на убиството, во куќата биле само Радика, нејзиниот татко и мајката Манѓу. Нејзиниот помлад брат не бил таму.
Мајката подоцна изјавила дека и таа била болна во собата и не знаела што се случува сè додека не било предоцна...
Полицијата го заплени оружјето, испуканите и неиспуканите куршуми, како и други форензички докази од местото на злосторството.
Јадав е обвинет според неколку членови од индискиот кривичен законик, вклучувајќи убиство и нелегално поседување оружје.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата