„Овде сѐ пулсира од активност“, вели Алистер Кембел додека го посматра метежот на својата фарма за боровници, сместена на 40 километри од Хараре, главниот град на Зимбабве. Стотици работници ги берат плодовите од грмушките и ги транспортираат во ладилници. По сортирањето, најкрупните боровници со авионски транспорт заминуваат кон Источна Азија, каде што побарувачката е огромна, додека останатиот дел со бродови се извезува во Европа, пишува The Economist.
Кембел, кој е поранешен капитен на репрезентацијата во крикет, вели дека работат со полн капацитет и дека би можеле да продадат и до шест пати повеќе отколку што моментално произведуваат. Новиот симбол на економскиот процут во Зимбабве не е златото, туку токму боровниците. Во 2026 година, одгледувачите очекуваат извоз од 12.000 тони, дури 40 пати повеќе во споредба со 2017 година.

Зад овој ситен плод се крие значајна економска трансформација. Преработувачката индустрија во Подсахарска Африка со децении се соочува со стагнација, што буди загриженост кај аналитичарите кои сметаат дека економскиот раст на континентот мора да го следи азискиот модел на индустријализација. Сепак, современите високотехнолошки фарми денес функционираат како мали фабрики: вработуваат голем број луѓе и се директно поврзани со глобалните синџири на снабдување, бришејќи ја традиционалната граница меѓу земјоделството и индустриското производство.
Поради лошите историски искуства кога зависеле од само една суровина, африканските земји со децении беа резервирани кон земјоделскиот извоз. Сепак, последниве години домашните компании го користат глобалниот раст на животниот стандард и зголемената побарувачка за свежа храна. Годишниот извештај на Africa Agriculture Trade Monitor покажува дека овошјето и јаткастите плодови станале најголема извозна категорија во африканското земјоделство, престигнувајќи го какаото, додека учеството на традиционалните култури како памукот, тутунот и шеќерот постојано опаѓа.

Африка сè уште заостанува зад Латинска Америка, каде што Перу од речиси нулта позиција во 2010 година за само една деценија стана најголем светски извозник на боровници. Сепак, моделите што се применуваат покажаа дека земјоделството може да биде високотехнолошка индустрија. Американскиот гигант „Driscoll’s“ ги снабдува одгледувачите во Зимбабве со специјално развиени сорти, а во магацините се користат напредни оптички машини за сортирање.
Боровниците не се единствениот пример за оваа нова африканска индустријализација:
Кенија денес учествува со шест проценти, а Етиопија со два проценти во светскиот извоз на сечено цвеќе, користејќи системи за прочистување на вода со реверзна осмоза и специјално осветлување за подобрување на квалитетот. Извозот на тропско овошје како авокадо, манго и ананас од Африка се тројно зголеми изминатава деценија. Во мај годинава, Јужноафриканската Република ја престигна Шпанија и стана најголем светски извозник на цитруси, носејќи ѝ на земјата поголем приход дури и од извозот на дијаманти.

Оваа трансформација отвора нови можности за целиот сообраќаен и технолошки сектор. Ладилниците изградени на аеродромите за потребите на цвеќарството сега ги користат и извозниците на зеленчук и зачини, а процутот на боровниците поттикна развој на агротехнички апликации за следење на временските услови и приносите.
Сепак, главните предизвици остануваат застарената инфраструктура, лошите патишта и сообраќајниот метеж во пристаништата, како и строгите меѓународни регулативи за безбедност на храната. Успехот на зимбабвеанските боровници, кениското цвеќе и јужноафриканските лимони и портокали е јасен сигнал дека африканското земјоделство ја презема економската улога што долго ѝ се припишуваше исклучиво на индустријата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата