ID.3 Neo добива освежен дизајн, унапреден погон и нова кабина со темелно ревидирани контроли и функционалност.
Компактниот електричен хечбек ја користи платформата MEB+ во која се вградуваат новите LFP батерии кои ветуваат поголема автономија и зголемена ефикасност. LFP батериите се поиздржливи и поевтини за производство, а Volkswagen дава гаранција за 70% капацитет по изминати 160.000 километри или 8 години.

Во ID.3 Neo е инсталиран и целосно нов софтвер кој носи функции како возење само со една педала и екстерно напојување до 3.6 kW во домашни услови.
ID.3 Neo нуди три опции за батерии – 50 kWh, 58 kWh и 79 kWh, кои пак овозможуваат автономија меѓу 400 и 600 километри според WLTP стандардот. Брзото полнење оди до 105 kW за малите батерии и до 183 kW за големата, додека времето потребно за полнење од 10 до 80% е само 24 минути.

Основниот модел модел доаѓа со 170 коњски сили, 310 Nm вртежен момент и забрзување 0-100 км/час за 8.5 секунди. Скалило погоре е верзијата со 190 коњски сили, потоа Pro S варијантата има 231 коњска сила а најбрзата GTX верзија има импресивни 326 коњски сили. Сите верзии доаѓаат со заден погон.

Вистинската надградба е во кабината – Volkswagen ги послуша критиките од купувачите и автомобилските медиуми па во кабината врати многу физички контроли кои пред освежувањето беа или целосно-дигитални преку екраните, или на таканаречени „слајдери“ кои добија многу критики.
Сега има нормални контроли за прозорците, физички команди за клима-уредот и (верувале или не) тркалце за аудио-уредот. Кабината добива и нов управувач со физички копчиња, но и нови дигитални дисплеи пред возачот и на централната конзола.

Достапноста во европските салони е најавена од јуни годинава, додека официјално цените сè уште не се објавени.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата