Полицијата и службите за заштита на животните во Истанбул трагаат по лавица која беше забележана како талка по периферијата на градот, објавија денес турските власти. Жител на населбата Ускумрукој го забележал животното синоќа, а лавицата подоцна била видена и на снимка од безбедносна камера.
Ускумрукој се наоѓа на северниот крај на европскиот дел од Истанбул, во област опкружена со шуми.
„Локацијата на лавицата е утврдена и се преземаат потребните мерки за таа да биде фатена жива“, соопшти канцеларијата на гувернерот на Истанбул на социјалните мрежи. Не е познато од каде дошло животното, но некои медиуми објавуваат дека можеби избегала од приватен имот.
Управата за национални паркови соопшти дека во потрагата учествуваат специјализирани ветеринари и тимови опремени со термовизиски камери. Потрагата е насочена кон шумската област, а локалното население е предупредено за опасноста.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата