logo
logo
logo

ОД „ВЕЈП“ ДО ХЕМОТЕРАПИЈА: Зошто електронските цигари се поопасни отколку што мислиме?

Vecer | 20.04.2026

ОД „ВЕЈП“ ДО ХЕМОТЕРАПИЈА: Зошто електронските цигари се поопасни отколку што мислиме?

Поимот „вејпинг“ стана светски феномен, а пушењето електронски цигари е сè попопуларно меѓу младите. Така, во телото на младата Кејли Боуд од Манчестер е пронајден редок карцином на белите дробови, а сè укажува на нејзината зависност која започнала кога имала само 15 години. Минатата година ѝ бил дијагностициран трет стадиум на оваа болест, а лекарите процениле дека има само уште 18 месеци живот, пренесува The Sun.

Кејли на неделно ниво пушела по еден еднократен „вејп“ од 600 вдишувања, додека како тинејџерка користела електронски цигари што се надополнуваат. Зависноста траела сè до јануари минатата година, кога почнала да искашлува кафеава слуз, а потоа добила и осип за кој лекарите мислеле дека е херпес, шуга или овчи сипаници.

„Ме лекуваа за сите три болести, но ништо не помагаше“, изјави Кејли.

По сите обиди за лекување, ѝ било кажано дека станува збор за лузни од воспаление на белите дробови или дека едноставно се работи за инфекција на градниот кош. По некое време, започнало и искашлувањето крв.

„Кога почнав да искашлувам крв, направив рендген и ми пронајдоа сенка на белите дробови“, раскажува девојката.

„Ми рекоа дека се 99 проценти сигурни дека не е рак, со оглед на тоа што сум многу млада. Подоцна, кога ги добив резултатите и кога ми соопштија дека е рак на белите дробови, не можев да поверувам“, вели Кејли.

На Кејли ѝ биле направени седум биопсии на белите дробови за лекарите да ја проучат „сенката“. Меѓутоа, на крајот го утврдиле најлошото сценарио – рак на белите дробови во трет стадиум, кој по хемотерапиите повторно се вратил.

„Онкологот рече дека ова е многу ретко и дека обично се јавува кај пациенти постари од 80 години“, вели Боуд.

По дијагнозата започнале хемотерапиите кои дејствувале многу лошо врз Кејли: „Не можев да ја кренам главата, повраќав крв и имав крв во урината. Изгубив 4 килограми за четири дена“.

Иако лекарите не се сигурни кој е точниот причинител за карциномот и дали пушењето е единствената причина, „вејпингот“ со сигурност придонел за влошување на состојбата на 22-годишната девојка.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk