Навиките што ги развиваме денес можат драматично да влијаат врз нашата иднина, вклучително и врз когнитивното здравје и меморијата во доцните години. Многи луѓе водат голема борба со една опасна навика, а познат невролог предупредува дека нејзиното елиминирање пред 60-тиот роденден би можело да има огромно, позитивно влијание врз долгорочното функционирање на нашиот мозок.
Професорот по неврологија и неврохирургија д-р Кевин Шет сликовито објаснува колку е важно да се грижиме за менталното здравје. „Мозокот е како штедна книшка“, пластично објаснува професорот и додава дека секоја здрава одлука (физичка активност/вежбање, правилна исхрана, ментална стимулација) е еднаква на уплата која со текот на времето расте.
Од друга страна, вели тој, занемарувањето на мозокот е како повлекување средства од сметката, што како последица остава губење на меморијата и когнитивен пад.
Меѓу животните навики кои најмногу му штетат на мозокот, овој невролог посебно издвојува една, а тоа е прекумерното консумирање алкохол. Намалувањето на неговиот внес или целосното престанување со пиење до 60-тата година би можело да има големо, позитивно влијание врз долгорочното pamтење.
Освен што алкохолот може да предизвика „дупки“ во меморијата, хроничното претерување го забрзува стареењето на мозокот. Ви пренесуваме пет долгорочни последици од прекумерното пиење кои мора да ги сфатите крајно сериозно:
Смалување на мозокот
Алкохолот директно ги оштетува мозочните ќелии и го дехидрира ткивото, особено во хипокампусот, кој е клучен за формирање нови сеќавања. За ова сведочи и големата студија од 2022 година, спроведена на повеќе од 36.000 возрасни лица. Резултатите покажаа дека дури и умерената секојдневна консумација на алкохол може да ја промени структурата на мозокот, при што тие промени се значително поизразени кај хроничните уживатели.
Нарушена комуникација меѓу клетките
Нашата меморија целосно зависи од невротрансмитерите ‒ хемиски гласници кои овозможуваат меѓусебна комуникација на мозочните ќелии. Алкохолот брутално го нарушува нивниот ред, а посебно ги погодува глутаматот и ГАБА (GABA), што директно и драматично го отежнува формирањето сеќавања.
Намален проток на крв
Хроничното пиење ги стеснува крвните садови, скратувајќи му го на мозокот премногу потребниот кислород и клучните хранливи материи. Со текот на времето, овој недостаток доведува до изумирање и пропаѓање на ќелиите во оние делови од мозокот кои се задолжени за паметењето и учењето.
Голем недостаток на нутритиенти
Алкохолот буквално ја уништува способноста на телото да апсорбира и да задржи важни хранливи материи. Меѓу нив најкритичен е витаминот Б1 (тиамин), кој е столб на функционирањето на мозокот. Неговиот недостиг може да предизвика сериозни проблеми со меморијата, а во најтешките случаи доведува до опасниот Вернике-Корсаков синдром (Wernicke-Korsakoff). Оваа состојба предизвикува екстремни потешкотии во формирањето нови сеќавања, хронична конфузија, проблеми со видот и отежнато одење. Ризикот е, предупредуваат стручњаците, повеќекратно поголем кај лицата со лоша исхрана.
Уништување на остатокот од телото
Мора да имаме предвид дека мозокот никогаш не функционира изолирано. Оштетувањата на органите како што се црниот дроб, срцето, панкреасот и крвните садови, предизвикани од алкохол, драстично го зголемуваат ризикот од мозочен удар и васкуларни проблеми кои директно влијаат врз меморијата. Покрај тоа, хроничното пиење го зголемува крвниот притисок, ризикот од дијабетес и дебелината, што задава дополнителен, разорен удар врз здравјето на вашиот мозок.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата