logo
logo
logo

Од милионерски луксуз до затворска ќелија: ЛЕКЦИЈАТА ШТО ЈА НАУЧИ ЗА 1,6 МИЛИОНИ ДОЛАРИ

Vecer | 25.06.2026

Од милионерски луксуз до затворска ќелија: ЛЕКЦИЈАТА ШТО ЈА НАУЧИ ЗА 1,6 МИЛИОНИ ДОЛАРИ

Австралиец кој имал пристап до неограничена количина пари благодарение на грешка на банкомат, откри како потрошил 1,6 милиони долари на вечери, забави и луксузен живот, пред да го стигне чувството на вина и да го натера да ѝ се предаде на полицијата.

Ден Сондерс од Вангарата на североистокот на Викторија, доспеа на насловните страници во 2011 година кога откри дефект на банкоматите на Националната банка на Австралија (NAB), кој му овозможуваше да подигнува неограничени суми пари. Во тоа време работел како бармен, што значи дека овие пари целосно му го свртеле животот наопаку.

Грешка во системот и живот на висока нога

Во текот на следните четири и пол месеци, Сондерс подигнал 1,6 милиони долари, пред јавно да признае сè во емисијата „A Current Affair“. Во епизодата на емисијата „Insight“ на каналот SBS, под наслов „Доаѓање до пари“, тој зборуваше за раскошниот начин на живот што го водел по ова откритие и зошто на крајот одлучил да се предаде.

„Пронајдов грешка во системот на банката NAB која ми овозможи состојбата на мојата сметка да изгледа како на неа да имам милиони долари, иако тоа не беше точно“, рече тој. „Потоа одев во филијала, буквално го прашував службеникот колку пари имам на сметката, а тие ми велеа дека имам 1,6 милиони долари и едноставно ми дозволуваат да подигнам колку што сакам. Беше како за првпат да откривате оган, а вие сте пештерски човек.“

Рече дека трошењето пари станало „екстремно заразна зависност“ и откри на што сè оделе тие пари.

„Анксиозноста растеше сè повеќе и повеќе, па на крајот морав да го направам она што го сметав за исправно, па им раскажав на медиумите што се случи само за да ставам точка на целата работа.“

Призна дека поради парите чувствувал дека „се изгубил себеси како личност“. „Едноставно повеќе не знаев кој сум. Не ми се допаѓаше тоа што станав.“

Полицијата на крајот издаде налог за негово апсење и покрена обвинение. Осуден е на 12 месеци затвор, наложено му е да одработи 18 месеци општествено корисна работа и казнет е со 250.000 долари. Сепак, тој истакна дека вредело за да почувствува олеснување.

„Мојот мозок функционира малку поинаку од на останатите луѓе, па затоа и на затворот гледав како на некакво искуство.“

Зошто не стана бегалец?

Во статија за news.com.au во 2018 година, тој објасни зошто едноставно не побегнал.

„За мене никогаш не се работеше за парите. Се работеше за искуствата и за она

што би можел да го направам со таа магична картичка“, објасни тој. „Она што банката ненамерно ми го понуди беше како оние книги каде што самите ја избирате својата авантура. Не знаев колку долго ќе трае тоа и очекував да заврши секој ден. Така, едноставно одлучив да продолжам сè додека банката не го запре тоа, но тие никогаш не го направија тоа.“

По четири и пол месеци, тој доброволно престанал да прави трансфери.

„Отсекогаш имав намера да преземам одговорност за моите постапки – затоа не префрлив милиони долари од парите на банката во странство и не побегнав во некое скривалиште на тропски остров. Можев многу лесно да го направам тоа, па дури и планирав како би го извел.“

Додаде дека бегството би значело дека мора да ги остави семејството и пријателите. „Никогаш повеќе немаше да можам да ја видам мајка ми или да правам едноставни нешта, како гледање фудбал на стадион или зборување глупости со пријателите на по неколку пива.“

Лекции за пријателството и љубовта

„Низ ова лудо искуство открив што ми е најважно, а тоа не се парите, ниту преправањето дека сум нешто што не сум. Вистинскиот, обичен живот со семејството и пријателите е навистина непроценлив.“

Истакна дека сега, кога сè е готово, нема желба да се врати на луксузниот живот, иако исполнил многу соништа на своите пријатели. Сепак, разочаран е што повеќето луѓе кои во тоа време ги честел исчезнале, плашејќи се од последиците од дружењето со осуден криминалец, додека вистинските пријатели останале со него и му пружиле морална поддршка.

Парите во голема мера го промениле и неговиот љубовен живот. „Додека ги правев тие трансфери, имав низа жени ширум Австралија, и секоја мислеше дека таа е вистинската. Пред тоа бев тип кој е верен само на една жена“, раскажа тој. „Парите променија сè. На крајот не ми се допаѓаше она што го гледав во огледалото. Кога сè заврши, само исчезнав, а тоа ги повреди луѓето кои навистина ми значеа. Затоа, додека бев во затвор, на некои од нив им пишував за да им објаснам што се случи и кој сум јас всушност.“

Враќање во нормала

Призна дека времето поминато во затвор било тешко и дека таму видел како убиваат човек, но тоа го гледал како дел од целокупното искуство. Сакал да ги исправи работите за да го избегне стравот дека некој во иднина ќе му одземе сè.

„Сега завршив со тоа и ги имам тие неверојатни спомени. Во нова врска сум со личност која ме прифаќа таков каков што сум. Животот понекогаш може да изгледа малку монотоно и досадно по она што го доживеав, но тоа е во ред. Не мора сè во животот да биде целосно возбудливо, голема радост може да се најде и во нормалниот, обичен живот.“

„Така што, се вратив зад шанкот, сиромашен исто како и кога почнав, и воопшто не ми е грижа за тоа. Иднината изгледа светло бидејќи е целосно моја“, заклучи Сондерс.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk