Македонија е интересна дестинација за инвестиции во туризмот и отворање нови авиолинии е заклучокот на вицепремиерот и министер за транспорт и врски Николовски по средбата со представниците на „Корендон“ една од најголемите групации во Европа. На состанокот се разговарало за можностите за нови инвестиции, развој на авиосообраќајот и унапредување на туризмот во Македонија.
„Македонија се позиционира меѓу најбрзорастечките пазари во Европа“, истакна Николоски, посочувајќи дека во земјава се воведени 28 нови дестинации, а бројот на патници во доаѓање во авиосообраќајот е зголемен за 40 проценти.

На средбата било посочено дека подобрата авио-поврзаност и отворањето нови пазари и услуги се особено важни за натамошниот развој на туризмот и зголемувањето на бројот на странски посетители.
Групацијата располага со повеќе од 40 авиони, кои летаат под знамињата на Турција, Холандија и Малта. Во туроператорскиот сегмент годишно опслужува околу 850.000 клиенти, додека „Корендон ерлајнс“ годишно превезува меѓу 6 и 10 милиони патници.
На средбата било заклучено дека постои простор за идна соработка, особено преку отворање нови можности во авиосообраќајот, привлекување странски туристи и разгледување потенцијални инвестиции во земјава.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата