logo
logo
logo

ИСТОРИСКИ РЕЗУЛТАТИ НА ЦАРИНСКАТА УПРАВА: Приходите од царина зголемени за 15,2%, од акциза за 7,1, а од данокот на возила за 17%

Vecer | 14.07.2025

ИСТОРИСКИ РЕЗУЛТАТИ НА ЦАРИНСКАТА УПРАВА: Приходите од царина зголемени за 15,2%, од акциза за 7,1, а од данокот на возила за 17%

Царинската управа денеска ги презентираше реултатите од една година работење.

- Сузбиени организирани криминални мрежи кои вршеле криминални дела со над 230 употребувани автомобили, 230 килограми дрога и 600 килограми анаболици, спречен обид за криумчарење на половина милион евра вредно злато, 30 килограми сребро, над 200 килограми лекови и над 10 илјади килограми суплементи, 400 илјади парчиња цигари и пури. Во 94 случаи на повреда на право од интелектуална сопственост запленети 180 илјади парчиња стока. Ова се само дел од резултатите што ги реализирала Царинската управа во изминатата година што денеска ги презентираше директорот Бобан Николовски на настанот „Една година резултати“.

Спречени се прекршочни и кривични дела при што евидентирани се вкупно 520 случаи на заплени или двојно повеќе од годината претходно. Поднесени се и 181 кривична пријава за сторени кривични дела против 307 физички и 99 правни лица или, како што нагласи, за четири ипол пати повеќе споредбено со годината претходно кога биле поднесени 42 кривични пријави.

-Ова се историски резултати кои што ќе се паметат во историјата на Царинската управа, истакна Николовски.

Вели дека измината година по направена анализа на состојбите во институцијата работеле на иницирање итни, но одржливи и видливи промени, за поуспешно работење, поголема безбедност, борба против корупцијата, разбивање на организирани криминални мрежи, спречување на криумчарење. Имало зголемени контроли, зголемената професионалност на службите, унапредување на царинските процеси, но и подобрената соработка со компаниите, што, како што рече, резултирало со повисока наплата на приходи во Буџетот.

-Тргнавме силно уште од првиот месец. Денеска Царинската управа претставува еден од главните столбови на кои се потпира државата, симбол за просперитет, симбол за безбедност, рече Николовски.

Зголемените контроли, зголемената професионалност на службите, унапредувањето на царинските процеси, но и подобрената соработка со компаниите, според него, резултирале со повисока наплата на приходи во Буџетот.

-Така во текот на изминатиот период од една година наплативме приходи во висина од над две милијарди евра или речиси 105 милиони евра повеќе од истиот период претходно. Раст на приходите има по секој основ. Приходите од царина бележат раст од 15,2 проценти, од акциза од 7,1 процент, а приходите од данокот на моторни возила бележат раст од 17 проценти. Ова претставува сериозен износ што се влева во Буџетот за повеќе капитални инвестиции, што ја раздвижаа економската активност и водат до повисок економски раст, нагласи Николовски.

На сите гранични премини и гранични терминали, ставен е во функција системот за видео надзор и систем за препознавање на регистарски таблички, еден од најсовремените во Европа, при што снимките од системите претставуваат и веќе се користат како доказен материјал во предистражни постапки на Царинската управа, како и други истражни органи.

Според директорот на Царинската управа, напредокот во борбата против корупцијата е веќе мерлив и признаен.

– Годинава ДКСК во извештајот за 2024 година не оцени на високо петто место од вкупно 72 институции во спроведување на политики за интегритет, при што особено се забележани подобрувања во делот на идентификуваните точки на ризици од корупција, како и преземени конкретни чекори за спречување судир на интереси меѓу кои и изречени дисциплински, но и откази за царински службеници кои постапувале спротивно на законите, рече директотот на Управата.

Во изминатиот период, нагласи Николовски, заеднички покажавме дека институциите можат да бидат двигател на позитивни промени кога се водат со визија, а тимската работа е ставена во прв план.

-Не зборуваме веќе за индивидуални успеси – Царинската управа стана симбол на институционален капацитет што колективно испорачува резултати, рече Николовски.

Мицкоски: 181 кривична пријава – 4,5 пати повеќе од ЛАНИ – ДОКАЗ ДЕКА ДРЖАВАТА СЕ БУДИ

- За една година со напорна работа, визија и домаќински пристап ја враќаме државата на нозе, дел по дел, институција по институција, систем по систем. Граѓаните го препознаваат новиот пристап. Знаат дека не ветуваме чуда, дека напорно работиме секој ден за да изградиме систем кој не зависи од партиски книшки, туку од правда, отчетност и еднаквост, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на настанот „Една година резултати“ во чии рамки Царинската управа дава отчетност за сработеното во изминатата една година.

Како што истакна Мицкоски, податоците многу зборуваат.

-Наплатени се приходи од над две милијарди евра што е за 105 милиони евра повеќе од истиот период претходно. Тоа не е случајно, тоа е резултат на принципиелна работа, на раководење на институцијата без калкулации, на борба против криминал и корупција, како и на јасната политичка определба – парите да одат кај граѓаните, а не во нечии џебови. Знаеме што значат овие бројки што ги изнесе директорот на Управата – повеќе за пензии, плати, болници, патишта, школи,… Тие пари до вчера завршуваа во сивата економија, а денеска се враќаат кај народот, потенцира премиерот.

Напомена и дека до ОЈО и Обвинителството за организиран криминал се поднесени 181 кривична пријава што, рече, е 4,5 пати повеќе од годината претходно.

-Тоа е сигнал дека институциите работат, не затвораат очи и дејствуваат. Ова е доказ дека државата се буди, системот конечно проработува, ги градиме темелите на промените, подвлече Мицкоски.

Димитриеска-Кочоска: Кога институциите се водат од луѓе со интегритет и одговорност, успехот е неминовен

Царинската управа во изминатата година јасно покажа дека може да биде сервис на државата, на граѓаните и на стопанството. Тоа е и основната цел на секоја државна институција – да служи со ефикасност, отчетност и транспарентност, рече денеска инистерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Во обраќањето на настанот насловен „Една година резултати“ на кој Управа даде отчет за сработеното во изминатата една година, Димитриеска-Кочоска потенцира дека бројките се импресивни и дека се јасен доказ за посветеното, професионално и транспарентно работење на оваа институција.

-Тие се резултат на вложен труд, визија и соработка и претставуваат уште една потврда дека кога институциите се водат од луѓе со интегритет и одговорност, успехот е неминовен. Особено сакам да го потенцирам значајниот раст на увозните давачки, кои покажуваат двоцифрена стапка на пораст во текот на годината, тренд кој започна уште во минатата година со доаѓањето на новото раководство. Последните податоци покажуваат зголемување од дури 16% во споредба со истиот период минатата година – и тоа не е случајност. тоа е резултат на конзистентна примена на законите и унапредени процеси, истакна министерката.

Овој позитивен тренд, дополни, е доказ дека кога има систем што функционира и каде луѓето ја разбираат својата улога и одговорност, резултатите не изостануваат.

-Очекувам и верувам дека оваа динамика ќе продолжи и понатаму, и дека Царинската управа ќе продолжи да биде столб на стабилноста и поддршка на фискалната дисциплина во државата, истакна министерката.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk