Цените на дизелот во Европа и во САД достигнаа рекордни максимуми, бидејќи конфликтите во Иран и Украина драстично го намалија извозот од некои од најголемите производители, како што се Русија, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, оставајќи малку простор за спречување на понатамошно зголемување на цените. Европските фјучерси за дизел достигнаа рекордно затворање минатата недела, удвојувајќи ги нивоата од почетокот на 2026 година, откако прекините во снабдувањето се проширија во Црвеното Море, каде што Саудиска Арабија испорачува поголем дел од својот дизел, објави Ројтерс.
Конфликтите на Блискиот Исток и Украина ги оштетија рафинериите за нафта во тој регион, додека рафинериите низ целиот свет интензивно работат на производство на гориво. На пример, во Соединетите Американски Држави, на крајот на август, рафинериите работеа со највисок капацитет во последните осум години, според податоците од Меѓународната агенција за енергија.
-Клучниот проблем е што многу рафинерии низ целиот свет веќе работат со капацитет – соопшти Меѓународната агенција за енергија во својот билтен денес, додавајќи дека ова остава малку опции на располагање за да се спречат понатамошни намалувања на снабдувањето и зголемување на цените во наредните месеци.
Извозот на дизел од Блискиот Исток беше преполовен помеѓу март и август во споредба со претходната година, со просечни количини од 800.000 барели дневно. Во 2025 година, Блискиот Исток обезбеди речиси 41 процент од европскиот увоз на дизел.
Во САД, просечните малопродажни цени на дизелот овој месец надминаа шест долари за галон за прв пат во историјата. Залихите остануваат под нормалните сезонски нивоа, иако рафинериите работат со речиси полн капацитет. Иако залихите на дизел се зголемија за околу 600.000 барели минатата недела, тие сепак се речиси 15 проценти под нивниот петгодишен просек од втората недела од септември. Во Азија, цените на дизелот се близу до рекордно високо ниво поради прекините во снабдувањето од Русија и Блискиот Исток.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата