Европската Унија ќе го одложи воведувањето на реципрочни царини кон Соединетите Американски Држави, кои требаше да стапат во сила во понеделник, изјави денес претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Сега е време за преговори“, изјави фон дер Лајен, пренесува АП.
Таа изјави дека „контратарифите“ се одложени до први август, што значи дека САД и ЕУ ќе имаат околу две недели за преговори.
„Секогаш јасно нагласувавме дека сакаме да постигнеме решение преку преговори“, изјави фон дер Лајен, додавајќи дека ЕУ ќе продолжи да подготвува контрамерки.
Таа оцени дека трговските тензии со САД покажуваат колку е важно ЕУ да ги диверзифицира своите трговски односи.
Таа претходно изјави дека американските царини од 30 проценти за извоз од Европската Унија ќе им наштетат на бизнисите, потрошувачите и пациентите од двете страни на Атлантикот.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера објави дека на 1 август ќе стапат во сила царини од 30 проценти за сите стоки увезени од земјите на Европската Унија, односно од Мексико во САД.
На својот онлајн профил Truth Social, тој објави копии од писмата што ги испратил до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и до мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум.
Претходно, неименуван европски дипломат потврди дека Европската Унија се подготвува за евентуалното примање на писмото на Трамп во кое тој ќе објави царини.
Порано оваа недела, Трамп објави нови царини за Јапонија, Јужна Кореја, Бразил и Канада, како и царини од 50 проценти за увоз на бакар.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата