logo
logo
logo

10.000 хотели ПРОТИВ BOOKING.COM

Vecer | 05.08.2025

10.000 хотели ПРОТИВ BOOKING.COM

Повеќе од 10.000 хотели низ Европа се приклучија на заедничка тужба против платформата за онлајн резервации Booking (Booking.com).

Во тужбата се тврди дека со години компанијата ја ограничувала можноста на угостителите да нудат пониски цени за своите услуги на други продажни канали, па дури и на сопствените веб-страници.

Според обвинителите, таквата практика е спротивна на прописите на Европската Унија.

Колективната тужба ја иницираше европското здружение на хотелската индустрија Hotrek, објави NL Times.

„Европските хотелиери со години страдаат поради нефер услови и прекумерни трошоци. Сега е моментот заедно да се бориме за обештетување“, рече претседателот на таа организација, Александрос Василикос.

Дополнително, холандската организација за заштита на потрошувачите Konzumentenbond објави паралелна масовна тужба во име на гостите кои потенцијално биле оштетени.

Во првата недела од поднесувањето, околу 180.000 потрошувачи изразија подготвеност да се приклучат на тужбата.

Амстердамската компанија за резервации ги отфрли обвинувањата уште во јули и смета дека тоа е погрешно толкување на претходните судски пресуди.

Портпаролот на компанијата изјави дека е „апсолутна бесмислица да се тврди дека Booking вештачки ги зголемува цените“.

Европскиот суд на правдата минатата година пресуди дека таканаречените клаузули за паритет на цените - кои им забрануваа на хотелите да нудат пониски цени надвор од платформата на Booking - се излишни и потенцијално штетни за конкуренцијата на пазарот.

Компанијата тврди дека ваквите одредби не се автоматски нелегални, но Booking ги отстранила од своите европски операции.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk