Европската комисија предложи итен пакет-помош од 500 милиони евра за поддршка на земјоделците, со цел да се спречи критичен шок во снабдувањето со храна на Стариот континент. Поради енормниот раст на трошоците за вештачки ѓубрива, во моментов е сериозно доведено во прашање есенското и зимското садење на клучните земјоделски култури во Европа. Оваа криза е директна последица на геополитичкиот конфликт на Блискиот Исток и затворањето на стратешкиот Ормуски Теснец, што предизвика силен ценовен шок на пазарот на енергенси.
За да ги обезбеди парите, Еврокомисијата планира итно да ги повлече сите расположливи 200 милиони евра од земјоделската резерва на Заедничката земјоделска политика кои веднаш ќе се пренасочат на терен. Дополнителните 300 милиони евра за да се достигне сумата од половина милијарда се побарани како експресно одобрување од земјите-членки и Европскиот парламент. Еврокомесарот за земјоделство Кристоф Хансен предупреди дека ситуацијата бара брза акција од сите институции, бидејќи во спротивно наредната година Европа ќе се соочи со празни амбари.
Блокадата на Ормускиот Теснец ги прекина клучните рути за нафта и течен природен гас, кој е основна суровина за индустриско производство на азотни ѓубрива, па неговото поскапување автоматски ја крена нивната цена до рекордно високо ниво. Земјоделците кои минатата година направија евтини залихи сега целосно ги потрошија резервите, па поради високите влезни трошоци кои се закануваат да ја надминат финалната откупна цена на храната, многумина се двоумат дали воопшто да почнат со сеидба.
За да го ублажи притисокот врз увозот, Брисел донесе одлука комплетно да ги суспендира увозните царини за клучните азотни ѓубрива и суровини до крајот на мај 2027 година, што на пазарот ќе му донесе заштеда од околу 60 милиони евра. Паралелно со ова, започнува стратешки пресврт преку воведување нови долгорочни субвенции за земјоделците кои ќе преминат на органски ѓубрива, со цел трајно да се намали зависноста од увоз на енергенси од Блискиот Исток и Русија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата