Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД ќе воведат царини од 35 проценти за увоз од Канада следниот месец и планира да воведе генерални царини од 15 или 20 проценти за повеќето други трговски партнери.
Во писмо објавено на неговата платформа за социјални медиуми Truth Social, Трамп му кажа на канадскиот премиер Марк Карни дека новите стапки ќе стапат на сила на 1 август и ќе се зголемат доколку Канада возврати.
„Наместо да соработува со Соединетите Американски Држави, Канада воведе свои царини. Почнувајќи од 1 август 2025 година, ќе воведеме царини од 35 проценти за канадските производи извезени во Соединетите Американски Држави“, напиша американскиот претседател во писмо до канадскиот премиер што го сподели на социјалната платформа.
„Тие царини можат да се променат, нагоре или надолу, во зависност од нашиот однос со вашата земја“, предупреди Трамп.
President Trump announces 35% tariffs on ALL Canadian imports starting Aug 1, 2025, in letter to PM Mark Carney. Blames Canada for fentanyl flows & retaliatory dairy tariffs up to 400%. Ties to US national security & trade deficits. Offers adjustment if Canada cooperates on… pic.twitter.com/CaydOIZiNl
— Orla Joelsen (@OJoelsen) July 11, 2025
Обвинувања и проширување на трговската војна
Во писмо од една страница, американскиот претседател повторно ја обвини Канада дека не успеала да го спречи протокот на фентанил во САД, иако податоците покажуваат дека само маргинална количина на опиоид влегува во земјата од нејзиниот северен сосед.
Во последните денови, Трамп ја прошири својата трговска војна со воведување нови царини за голем број земји.
Околу 20 претежно азиски земји веќе добија слични писма од почетокот на неделата, со царини од 25 проценти применети за производи од сојузници како Јапонија и Јужна Кореја, а до 40 проценти за некои други земји од Југоисточна Азија.
Но, Бразил, кој претходно не беше засегнат од дополнителни царини над 10 проценти, забележа најголемо зголемување на своите производи. Американскиот претседател објави царина од 50 проценти како одговор на гонењето на поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро, обвинет за обид за државен удар по поразот на изборите.
Односи со Европската унија
Порано вечерта, Трамп објави за NBC дека планира да испрати слично писмо до Европската унија „денес или утре“.
Европската комисија пред два дена изјави дека има намера да постигне договор со Соединетите Држави за царините пред 1 август и не очекува да добие писмо од американскиот претседател како она што го добија голем број земји низ целиот свет.
На 2 април, Трамп воведе царини од 10 проценти за речиси сите земји и дополнителни царини за голем број земји, а за Европската Унија постави 20 проценти.
Неколку дена потоа, Трамп ги суспендираше најавените реципрочни царини и постави рок за преговори од 90 дена, кој истече на 9 јули. Сега тој рок е продолжен до 1 август.
Во втората половина на мај, Трамп се закани со уште повисоки царини за Европската Унија од 50 проценти од 1 јуни, велејќи дека преговорите со Брисел не водат никаде. Таа закана не се оствари.
Трамп во понеделник објави дека ќе почне да испраќа писма до своите трговски партнери за нови договори и царини.
Во тие писма, американскиот претседател ги информира за износот на царините што ги поставил и се заканува со уште повисоки царини ако земјата одлучи да преземе контрамерки.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата