logo
logo
logo

ЖИТЕЛИТЕ НА ЕВРОПА ОСИРОМАШУВААТ: Секој трети Шпанец не може да оди на годишен одмор од една недела

Vecer | 14.07.2025

ЖИТЕЛИТЕ НА ЕВРОПА ОСИРОМАШУВААТ: Секој трети Шпанец не може да оди на годишен одмор од една недела

Секој трет жител на Шпанија не може да си дозволи да оди на годишен одмор од една недела, се вели во податоците на Европската статистичка служба Евростат за 2024 година, објавија денес шпанските медиуми.

Во исто време, тој процент на ниво на Европската Унија е 27 проценти. Меѓу четирите најголеми европски економии, Шпанија е земјата со најголем процент на луѓе кои не можат да си дозволат еднонеделен одмор далеку од дома, објавува веб-страницата 20minutos.

Во Шпанија, 33,4 проценти од населението не може да го стори тоа, додека тој процент во Италија е 31,4 проценти, што е исто така над европскиот просек.

Спротивно на тоа, во Франција, 22 проценти од населението не може да патува некаде за седумдневен одмор, додека во Германија, 20,8 проценти не можат.

Во однос на бројот на жители кои не можат да одат на одмор, Романија води со 58,6 проценти, додека процентот во Грција и Бугарија е 46 и 41,4 проценти, соодветно. На таа листа следува Унгарија со 39,3 проценти, Португалија (35,2 проценти) и Хрватска (34,7 проценти).

На другиот крај од спектарот се земји како Луксембург, каде што 8,9 проценти од населението не може да си дозволи да оди на одмор, како и Шведска и Холандија, каде што тој процент е 11,6 и 13 проценти, покажуваат статистичките податоци.

Иако цените на пакетите за одмор се во пораст, податоците за Шпанија се слични со 2023 година, кога 33,2 проценти од населението не можело да си дозволи да оди на одмор. На ниво на ЕУ, тој процент се намалил за 1,5 проценти во споредба со претходната година.

Разликата е поизразена кога се гледа периодот од последните 10 години, во кој процентот на Шпанци кои не можеле да патуваат некаде на одмор се намалил од 46,4 проценти во 2014 година на 33,4 проценти во 2024 година.

Според податоците на Евростат, европскиот просек се намалил од 37,6 на 27 проценти од населението.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk