Алжир неодамна донесе закон со кој се забрануваат сите активности поврзани со криптовалутите, од употреба до рударење, објавува BFM TV.
Додека поголемиот дел од светот се движи кон зголемување на прифаќањето на криптовалутите, некои земји сè уште остануваат многу скептични кон оваа класа на средства.
Алжир неодамна донесе закон со кој се забрануваат сите проекти поврзани со криптовалути.
Врз основа на законот донесен на 24 јули, кој се однесува на спречување и борба против перење пари и финансирање на тероризам, „емитувањето, купувањето или продавањето“ на криптовалути е забрането.
Тие не можат да се користат како средство за плаќање, призната валута или инвестициски инструмент. Рударењето криптовалути е исто така забрането.
Алжирските граѓани се соочуваат со затворска казна до една година, како и парична казна од 1.330 до 6.600 евра ако го прекршат законот.
Со ова, законот целосно се применува на целиот крипто екосистем и дополнително го заострува законот од 2018 година, кој забранува купување, продажба, употреба и поседување виртуелни валути, но без попрецизни дефиниции.
Одлуката на Алжир е спротивна на трендот на попозитивен пристап од страна на земјите кон криптовалутите, особено по доаѓањето на американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа.
Некои земји кои претходно ги забрануваа криптовалутите, како што се Пакистан и Виетнам, сега се отвораат за оваа класа средства. Тие моментално работат на воспоставување соодветни регулативи.
И покрај децентрализираната природа на криптовалутите, особено биткоинот од неговото основање во 2009 година, некои земји сè уште го казнуваат нивното поседување.
Меѓу нив се Египет, Боливија, Авганистан, Бангладеш и Ирак, наведува Coin dance.
Други земји, како што се Кина, Мароко и Непал, ја ограничуваат употребата на криптовалути, но не донеле законска целосна забрана за нивна употреба или рударење.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата