Се очекува Марк Закерберг да се појави како клучен сведок на вонредното судење од 8 милијарди долари што започнува оваа недела.
Според извештајот на Ројтерс, извршниот директор на Мета е обвинет дека го водел Фејсбук како нелегален бизнис, овозможувајќи собирање податоци на корисниците без нивна согласност.
Имено, акционерите на компанијата Мета Платформс, која ги поседува Фејсбук, Инстаграм и Вотсап, го тужеле Закерберг и други сегашни и поранешни раководители на компанијата.
Во тужбата, тие наведуваат дека континуирано го кршеле договорот од 2012 година помеѓу Фејсбук и Федералната трговска комисија на САД (FTC), кој имал за цел да ги заштити податоците на корисниците.
Случајот датира од 2018 година, откако беше откриено дека до податоците на милиони корисници на Фејсбук пристапила Кембриџ Аналитика, сега непостоечка консултантска фирма која работеше на успешната претседателска кампања на Доналд Трамп во 2016 година.
Акционерите сега бараат Закерберг и другите обвинети да ѝ надоместат на компанијата повеќе од 8 милијарди долари, што вклучува казни и други трошоци што Мета ги платила по скандалот.
Меѓу тие трошоци е и рекордната казна од пет милијарди долари што Федералната трговска комисија (ФТЦ) му ја изрече на Фејсбук во 2019 година за кршење на гореспоменатиот договор.
На списокот на обвинети се наоѓаат и некои добро познати имиња од светот на технологијата, како што се Шерил Сандберг, Марк Андресен, Питер Тил и Рид Хејстингс.
Закерберг и другите обвинети, кои одбија да коментираат за случајот, ги отфрлија обвинувањата како „екстремни тврдења“ во судските поднесоци.
Се очекува судењето без порота во Вилмингтон, Делавер, да трае осум дена и ќе се фокусира на настани и состаноци на одборот што датираат од пред 10 години за да се утврди како раководителите на Фејсбук го спроведоа договорот од 2012 година.
Иако судењето се занимава со долгогодишни политики, тоа доаѓа во време кога загриженоста за приватноста продолжува да ја следи Мета, која е исто така под лупа за начинот на кој ги обучува своите модели на вештачка интелигенција.
Facebook parent Meta to settle Cambridge Analytica scandal case for $725 mln https://t.co/DRx4ApxLkm pic.twitter.com/i82W0Pu3l6
— Reuters (@Reuters) December 23, 2022
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата