logo
logo
logo

ЦЕНАТА НА КОНФЛИКТОТ - Погледнете колку милиони евра губи Европа секој ден

Vecer | 30.04.2026

ЦЕНАТА НА КОНФЛИКТОТ - Погледнете колку милиони евра губи Европа секој ден

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, упати сериозно предупредување од Стразбур дека енергетската стабилност на Европа е под силен притисок. Поради конфликтот на Блискиот Исток и нестабилноста во Персискиот Залив, трошоците за увоз на енергенси енормно пораснаа, создавајќи огромен товар за европската економија.

Фон дер Лајен истакна дека во првите 60 дена од конфликтот, сметката за увоз на фосилни горива во ЕУ се зголемила за повеќе од 27 милијарди евра. Таа нагласи дека оваа сума е платена само поради растот на цените, без Унијата да добие ниту една дополнителна молекула енергија. Оваа загуба од речиси половина милијарда евра дневно ја наметнува потребата од итни промени во енергетската стратегија.

Дополнителен притисок врз пазарите вршат најавите за стратегијата на американскиот претседател Доналд Трамп за продолжена блокада на Иран. Овој потег носи висок ризик од прекини во снабдувањето преку Ормутскиот теснец, клучна точка низ која минува една четвртина од глобалната трговија со нафта, како и значителни количини природен гас и вештачки ѓубрива.

Како одговор на кризата, Европската комисија најави Акционен план за електрификација и нова стратегија за енергетска безбедност, кои треба да бидат презентирани на 10 јуни. Целта е побрзо напуштање на фосилните горива и премин кон сопствено производство на чиста енергија.

Брисел повикува на итно забрзување на работата на Пакетот за мрежи со цел модернизација на инфраструктурата за прифаќање на повеќе обновливи извори. Истовремено, се бара подобра координација при управувањето со залихите на дизел и млазно гориво, како и стратешко ослободување на резервите на нафта за да се ублажи ценовниот шок врз граѓаните и индустријата.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk