Американскиот претседател Доналд Трамп пристигна на обиколка на градилиштето на американската централна банка, зградата чие реновирање предизвика гнев во неговите редови, а која самиот тој јавно ја исмејуваше неколку пати поради трошоците.
Појавувањето на Трамп во бел шлем и одело доаѓа во време кога тој продолжува да лобира кај претседателот на ФЕД, Џером Пауел, драстично да ја намали клучната каматна стапка, убеден дека инфлацијата не е проблем. Но, Пауел останува претпазлив во однос на ефектите од царините на Трамп врз економијата и предупредува дека предвременото намалување на каматните стапки би можело повторно да ја разгори инфлацијата.
Проектот за обнова на зградата на ФЕД сè повеќе се користи како аргумент од страна на соработниците на Трамп дека претседателот би можел да се обиде да направи необичен потег и да го отстрани Пауел пред крајот на неговиот мандат во мај 2026 година. Иако некои претставници на Белата куќа се обидоа да ја минимизираат таквата можност, темата е сè повеќе присутна во јавниот дискурс.
На градилиштето на седиштето на Федералните резерви, Трамп се обиде јавно да го засрами Пауел поради трошоците за реконструкција, тврдејќи дека проектот чини 3,1 милијарди евра, иако Федералните резерви наведуваат дека износот е 2,5 милијарди.
Претседателот Трамп во суштина му подаде на Џером Пауел цуцла, пелена и му ја отпеа песната „Rock-a-bye Deep State“ на телевизија во живо.
Кога Пауел се обиде да го провери, Трамп извади сметки и го засрами пред светот.
„Од наши средства е?“ го праша Пауел, затворајќи ги очите и тресејќи ја главата, објаснувајќи дека дополнителните трошоци се поврзани со зградата Мартин, уште една канцеларија на Федералните резерви што беше реновирана пред пет години.
„Дали ќе имаме повеќе пречекорувања на трошоците?“ праша Трамп.
„Не ги очекуваме“, одговори Пауел.
Трамп: „Јас би отпуштил некого“
Тогаш Трамп рече дека во неговата поранешна кариера како градежен инвеститор, би го отпуштил секој што ги надминал буџетските трошоци.
Претседателот потоа на шега додаде дека ќе „направи отстапки за Пауел“ ако одлучи да ги намали каматните стапки.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата