logo
logo
logo

Поради работата - ПИЈАТ, повеќе од половина од работниците во Велика Британија

Vecer | 13.07.2025

Поради работата - ПИЈАТ, повеќе од половина од работниците во Велика Британија

Стресот, притисокот и вознемиреноста на работното место предизвикаа голем број вработени во Велика Британија да консумираат повеќе алкохол во текот на изминатата година, се наведува во резултатите од истражувањето на организацијата „Alcohol Change UK“.

Според резултатите од анкетата, дури 64 проценти од работниците во Велика Британија признаваат дека пијат поради работа, а еден од пет вработени наведува дека пијат за полесно да ги исполнат работните рокови, додека речиси 10 проценти од испитаниците чувствуваат притисок да пијат поради претпоставените или колегите.

Добротворната организација „Alcohol Change UK“ ги повика работодавците да разгледаат алтернативни начини за таканаречен тим билдинг и социјални настани, кои не вклучуваат алкохол, за да можат сите вработени да се чувствуваат прифатени.

„Не велиме дека не треба да одите во паб или дека треба да престанете да се дружите по работа, туку дека работната средина треба да се направи поздрава и поинклузивна, имајќи предвид дека не пијат сите, и тоа од различни причини“, изјави Џејн Гардинер од гореспоменатата организација за британскиот Скај њуз (Sky News).

Поранешниот банкар од Лондон, Патрик Фокс, кој престанал да пие во 2018 година, изјави за Скај њуз дека колегите често го притискаат да пие алкохол, што, според него, негативно влијаело врз неговиот приватен живот.

„Пиев во четврток и петок по работа, што често продолжуваше и во текот на викендот. Се чувствував лошо во недела и со нетрпение го очекував понеделник“, рече Фокс.

Тој додава дека во многу компании, алкохолот е сè уште централен елемент на собирите, што дополнително го зголемува чувството на притисок кај вработените.

Годишните трошоци за отсуство од работа поврзани со алкохол за економијата на Велика Британија се проценуваат на околу 4 милијарди фунти.

Сепак, како што објаснува Скај њуз, вкупната потрошувачка на алкохол кај возрасните опаѓа во последните години, а според најновите бројки, 56 проценти од возрасните во Велика Британија изјавиле дека пиеле алкохол во 2022 година, што е намалување од 61 процент во 2012 година.

Младите луѓе од таканаречената генерација Z сè повеќе го отфрлаат алкохолот, додека иницијативите како што е „Сув јануари“ стануваат сè попопуларни, со зголемен асортиман на безалкохолни и пијалоци со ниска содржина на алкохол.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk