Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе воведе царини од 17 проценти за извоз на храна и земјоделски производи од Европа, за време на разговорите во Вашингтон оваа недела, објави денес „Гардијан“.
Ваквите царини, како што се вели, би погодиле сè, од белгиско чоколадо до путер од Ирска и маслиново масло од Италија, Шпанија и Франција, сите производи што добро се продаваат во Соединетите Држави.
Како што првично беше објавено во „Фајненшл тајмс“, извори потврдија дека комесарот за трговија на ЕУ, Марош Шефчовиќ, бил предупреден за ова вчера за време на состанокот со американскиот секретар за финансии, Скот Бесант, трговскиот претставник Џејмисон Грир и секретарот за трговија, Хауард Лутник.
Амбасадорите на ЕУ наводно биле информирани за најавата.
Портпаролот на ЕУ за трговија, Олоф Гил, изјави претходно денес дека приоритет на ЕУ останува „да се фаворизира договорено решение“.
Тој додаде дека „е постигнат напредок кон договор во принцип за време на последната рунда преговори што се одржаа оваа недела“ и дека преговорите ќе продолжат „во суштина во текот на викендот“.
90-дневната пауза за „ослободувачките царини“ на Трамп завршува во среда, 9 јули, за повеќе од 60 земји, покрај ЕУ, на која неодамна ѝ се заканија царини од 50 проценти.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата