logo
logo
logo

Фарма Трејд и АД „Д-р Пановски“ ХОРСКИ ДЕМАНТИРААТ ДЕКА КАРТЕЛСКИ СЕ ДОГОВАРАЛЕ ЦЕНИ

Vecer | 12.06.2025

Фарма Трејд и АД „Д-р Пановски“ ХОРСКИ ДЕМАНТИРААТ ДЕКА КАРТЕЛСКИ СЕ ДОГОВАРАЛЕ ЦЕНИ

Во две поединечни соопштенија, со прилично слична и/или идентична содржина, компаниите „Фарма Трејд“ и „Д-р Пановски“ излегоа контра одлуката на Вишиот управен суд, кој ја потврди одлуката на Комисијата за заштита на конкуренцијата, со која е утврдено дека веледрогериите АД „Д-р Пановски“ и „Фарма Трејд“ ДООЕЛ Скопје склучиле забранет договор – картел, при учество во јавна набавка за медицински продукти за што им се изречени казни на АД „Д-р Пановски“ од 1.061.000 евра, а на „Фарма Трејд“ 721.000 евра.

Идентично најавуваат дека нивните правни тимови ќе ги преземат сите расположиви вонредни правни механизми, како на национално, така и на меѓународно ниво, и дека ќе се обратат и до амбасадите, за правно вознемирување.

Од Фарма Трејд велат дека тие немаат никакво картелско здружување со веледрогеријата д-р. Пановски.

Го пренесуваме нивното соопштение во целост.

„По повод изнесените наводи од страна на Комисијата за заштита на конкуренцијата, со кои нашата компанија се доведува во контекст на т.н. „усогласено дејствување“ при јавна набавка, ФАРМА ТРЕЈД ДООЕЛ увоз-извоз Скопје најодговорно ги демантира и ги отфрла ваквите обвинувања како неосновани, правно и фактолошки непрецизни и крајно штетни за угледот и деловното функционирање на нашата компанија.

ФАРМА ТРЕЈД е една од ретките домашни фармацевтски компании со речиси три децении активна, стабилна и доверлива работа, која претставува столб на континуирано снабдување со лекови и медицински производи за македонскиот здравствен систем. Нашата дејност е особено значајна за обезбедување терапија за илјадници пациенти низ земјата, вклучително и за најранливите категории – хронично болни, деца и пациенти со ретки болести.

Цените што се понудуваат во рамки на јавните набавки не се слободна комерцијална одлука, туку се строго регулирани и однапред утврдени од страна на надлежните институции – вклучително и Министерството за здравство. Со тоа, секоја инсинуација дека компаниите можат меѓусебно да договараат цени е неоснована и штетна за јавниот интерес.

Дополнително, јавната набавка што е предмет на постапката беше спроведена под целосен надзор на државните институции, со електронски систем и пропишани критериуми.

Обвинувањата за усогласено дејствување немаат реална поддршка ниту во фактите, ниту во пазарната логика, ниту пак во правниот систем кој претпоставува невиност сѐ додека не се докаже спротивното со јасни, недвосмислени и издржани докази – што, во конкретниот случај, целосно изостана.

Сметаме дека ваквиот пристап, без целосно испитана фактичка состојба, претставува несоодветен и правно вознемирувачки третман кон субјект кој 30 години придонесува кон економскиот развој на државата, го полни буџетот и обезбедува стабилност во јавното здравство.

Во период кога македонските пациенти се соочуваат со сериозни предизвици во пристапот до квалитетна терапија, ФАРМА ТРЕЈД останува посветен партнер на државата, на медицинската заедница и на граѓаните. Со постојана поддршка на јавните институции, едукација на медицински кадар и инвестирање во достапност на нови и современи терапии, ние не сме само економски субјект – туку општествено одговорен двигател на системот што се грижи за животот.

Нашиот правен тим ќе ги преземе сите расположливи вонредни правни механизми, како на национално, така и на меѓународно ниво, со цел да се заштитат правата, достоинството и професионалниот интегритет на компанијата. Воедно, ќе ги известиме и сите соодветни дипломатски и економски претставништва во земјава за штетните последици што ги предизвикуваат ваквите постапки врз правната сигурност, довербата на инвеститорите и општото деловно опкружување.

Веруваме дека граѓаните, институциите и јавноста имаат право да ја чујат вистината, и дека нашето општество заслужува фер, транспарентен и праведен систем во кој се наградува квалитетот и се почитува законот – а не се дискредитираат оние што со години градат, создаваат и носат одговорност“, соопштија од компанијата.

АД „Д-р Пановски“ во врска со денешните објавени информации од Комисијата за заштита на конкуренцијата, со кои се информира јавноста дека Вишиот управен суд со пресуда го потврдил решението за постоење на забранет договор – картел помеѓу АД „Д-р Пановски“ и Фарма Трејд ДООЕЛ Скопје, за јавна набавка спроведена во 2016 година, информира дека досега не примил пресуда од Управниот суд, ниту од други надлежни институции.

За споменатата јавна набавка, од компанијата посочуваат во соопштението до јавноста, дека во изминатите осум години, веќе била предмет на интерес на надлежните државни институции.

„Во интерес на објективно информирање на јавноста, сметаме дека е неопходно да потенцираме дека Управниот суд во две претходни постапки, два пати правосилно утврди дека АД „Д-р Пановски“- Скопје нема сторено никаков прекршок и со тоа ги отфрли наводите дека наводно била нарушена деловната конкуренција за посочената јавна набавка. Оттука, крајно сме изненадени и зачудени како е возможно за ист предмет, ист суд, да одлучи поинаку во трета постапка, стои во соопштението од компанијата.

Земајќи предвид дека АД „Д-р Пановски“ е компанија со странски капитал и претставник на реномирани светски фармацевтски компании во Македонија, застапува лекови за најтешко болните пациенти кои се лекуваат во јавното здравство, посочуваат дека имамат обврска да го заштитат нивниот корпоративен углед.

Од компанијата посочуваат и  дека целосно е невозможно кој било фармацевтски компании тајно или јавно да договараат цени на лекови, бидејќи, според нив, тие се регулирани исклучиво од Министерството за здравство. Тоа значи, се додава понатаму, дека за споменатата јавна набавка АД „Д-р Пановски“ понудил цени во висина која предходно ја определиле ресорните надлежни институции.

„Согласно горе наведеното, нашиот правен тим се подготвува да ги искористи сите вонредни правни лекови пред домашните судови, но и да се обратиме пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, за правно вознемирување. Во меѓувреме ќе се обратиме и до претставниците на меѓународниот фактор во земјава, кои ќе ги информираме за оваа нарушена правна сигурност и загрозено владеење на правото, што практично ги отежнува околностите за нашето деловно функционирање, а со цел да се заштитат правата, интегритетот и деловната репутација на компанијата, посочуваат од  „Др. Пановски“.

Воедно, од компанијата упатуваат охрабрување до извршната и законодавната власт „да ги превземат сите неопходни дејствија за вистински реформи во правосудниот систем“.

-Крајно време е да се стави точка на самовластието во правосудството, кое се рефлектира и врз приватните компании кои веќе 30 години редовно го полнат буџетот на Македонија, стои во реакцијата на АД „Д-р Пановски“ – Скопје.

Вишиот управен суд ја потврди одлуката на Комисијата за заштита на конкуренцијата, со која е утврдено дека веледрогериите АД „Д-р Пановски“ и „Фарма Трејд“ ДООЕЛ Скопје склучиле забранет договор – картел, при учество во јавна набавка за медицински продукти за што им се изречени казни на АД „Д-р Пановски“ од 1.061.000 евра, а на „Фарма Трејд“ 721.000 евра.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk