Прашањето кој кого припитомил и кој е навистина поинтелигентен – луѓето или животните – би требало сериозно да се преиспита во светлото на статистиката за експлозијата на разгалување на домашните миленици и натрупувањето пари кои се трошат за тие намени. Пред триесетина години, индустријата за миленици во светот вредеше 26,9 милијарди долари, а денес достигна 104 милијарди долари.
Специфична ниша во рамките на оваа индустрија, селењето на милениците ваму-таму низ планетата, во споредба со целата гранка моментално вреди скромни 2,4 милијарди долари, но се проценува дека веќе до 2030 година ќе надмине 5,4 милијарди долари.
Не е исклучено таа вредност да порасне значително повеќе, бидејќи човечката непредвидливост може да го посрамоти и најпрецизниот статистички метод. Математиката тешко може да се носи со случаи како оној кога една патничка на американската авиокомпанија United Airlines направи хаос на аеродромот, решена по секоја цена да го качи во авион и својот паун, затоа што тој ѝ „пружал емоционална поддршка“.
Кога дополнително ќе се погледнат сумите што имотните сопственици на миленици се подготвени да ги платат за некој да им ги реши таквите проблеми, тогаш е речиси сосема извесно дека оваа индустрија чекори кон светла иднина со „чизми од седум милји“.
Руските миленици исклучени од елитниот клуб
Фирмите кои се занимаваат со овој бизнис обезбедуваат секаков вид транспорт за домашните миленици, царинење за меѓународни селења и се одговорни за безбедноста и удобноста на животните за време на патувањето. Аналитичарите предвидуваат најсветла иднина за оние кои најдобро ќе се позиционираат во нудењето премиум услуги. Тоа во оваа индустрија вклучува транспорт со контролирана клима, посебни простори за вежбање и одмор на милениците, како и стручен кадар кој ќе се грижи за нивното здравје и потреби додека не стигнат од една локација на друга.
Дека оваа индустрија моментално е резервирана за муштерии кои и самите го имаат тој луксуз да размислуваат како границата ќе ја поминат нивните миленици, а не тие самите обидувајќи се да ја спасат главата пред воените разурнувања, докажуваат податоците за актуелната прераспределба на пазарниот колач. Селењето миленици е најисплатливо во западните земји, меѓу кои предводат САД и Канада.
Кога станува збор за Европа, предничат Германија, Франција, Велика Британија и Италија. До неодамна во тој клуб беше и Русија, но таа е исклучена откако руските олигарси се соочија со забрана за патување и заплена на нивниот имот во западните држави поради нападот на Русија врз Украина. По толку запленети куќи, јахти и девизи, тешко е да се замисли дека некој би пленил и руски домашни миленици, но сè е можно, имајќи предвид дека актуелните лидери на ЕУ нема да останат запаметени по изобилство од здрав разум.
Што се однесува до Србија, постојат фирми кои нудат патен и авионски карго превоз на миленици преку граница, но само како една од ставките во рамките на многу пошироката работа за селење во странство и меѓународен транспорт на стока.
Пазари на миленици „во развој“
Ситуацијата со селењето на милениците во Азиско-пацифичкиот регион е шаренолика. Овие бизниси се релативно разработени во Австралија, Јапонија и Јужна Кореја, додека во Кина тој пазар е прилично „млак“ во споредба со продажбата на различни животински делови од кои се подготвуваат препарати во традиционалната кинеска медицина.
Податоците за земјите од Јужна Америка покажуваат дека таму сè уште многу повеќе се размислува за тоа како преку граница да се префрли кокаин, а не домашни миленици. Доколку се бараат услуги за транспорт на животни надвор од земјата, тогаш првенствено станува збор за егзотични видови кои патуваат инкогнито.
На Блискиот Исток не му недостигаат нафтени богаташи кои би можеле да си дозволат со себе да ги водат и милениците додека склопуваат тајни зделки низ светот, вклучувајќи ја и Србија. Меѓутоа, блискоисточниот регион уште повеќе изобилува со воени судири и тензии, што значи дека кога се во прашање услугите за селење миленици, на тој пазар – како што тоа подеднакво „закулисно“ го формулираат компаниите кои продаваат пазарни податоци – „сè уште има многу простор за напредок“.
Истата формулација важи и за Африка, каде што населението очигледно има поитни проблеми за решавање, особено во оние делови на континентот каде што нема доволно храна ниту за луѓето, а камоли за милениците.
Мала мачка од сто килограми
Ширум светот годишно се преселуваат приближно половина милион домашни миленици, а една од најуспешните во оваа работа е британската компанија Global Pet Relocation, чии услуги најмногу ги користат клиенти од листата Fortune 500. Па, какви се искуствата од прва рака?
Мајк Гејс, генералниот директор на оваа корпорација, вели дека секоја година преселуваат и до неколку десетици илјади животни, при што со авион патуваат од 800 до 1.000 годишно. Најмногу селат кучиња и мачки, но во патувачкото животинско царство имало и ежови, морски прасиња, зајаци, желки, кози, овци... Не недостигале ниту лавови, тигри, алигатори, тропски риби, папагали, гулаби, патки, па и цели јата птици. Гејс истакнува дека ниту една работа не е премала за да не ја прифатат, но се покажува дека некои од нив се преголеми.
– Имавме клиент кој живееше во Њујорк, на Менхетен, и се селеше во Париз. Ни рече дека со себе сака да ја поведе и својата мала мачка, но за неа да резервира седиште во авионот веднаш до него. Му објаснивме дека во авион можат да се внесат само кучиња и мачки кои тежат до осум килограми и дека мора да останат во патна торба под седиштето пред него. Нагласивме и дека таа услуга дополнително се плаќа, од 300 до 1.000 долари, зависно од тежината на животното и авиокомпанијата. Клиентот рече дека тоа не е проблем и дека ќе плати колку што треба. Но, кога нашите работници отидоа околу три часот наутро за да го превезат него и неговата „мачка“ на аеродром, се испостави дека тоа беше – бенгалски тигар! – раскажува Гејс.
Две патки во луксузен карантин
Проблеми можат да предизвикаат и малите животни, кога нивните сопственици не сакаат да се раздвојуваат од нив за време на летот, а миленикот е пајак, змија или глодар... Поради строгите правила на авиокомпаниите, најголемиот број миленици мора да летаат како пријавен товар во кабина со контролирана температура во долниот дел на авионот.
Несреќите што животните ги доживуваат за време на тие патувања се прилично ретки, но оние на кои им е важно да го избегнат секој ризик, а можат да си го дозволат тоа, ја имаат опцијата да летаат со посебни авиони заедно со својот миленик. Цената во овие летала е, секако, „права ситница“ – летот во еден правец од Њујорк до Лондон може да надмине 60.000 долари, и тоа само за миленикот! Верувале или не, за овие летови муштериите чекаат во ред.
Голема главоболка во овој бизнис се и националните закони кои се однесуваат на внесување животни во одредена земја. Гејс објаснува дека, на пример, еж од Нов Зеланд не е можно да се пресели во многу земји, затоа што тоа е многу ризично животно кога станува збор за пренесување заразни болести. Луѓето кои сакаат да го донесат своето куче во Австралија, мора да чекаат на дозвола и до четири месеци.
Најкомплицирана е ситуацијата кога меѓу некои држави нема договор за иселување и всуселување животни. Гејс наведува пример дека поради клиенти кои со себе сакале да ги поведат своите две мачки од Мароко на Маврициус, морале да ангажираат специјален правен тим за склопување соодветен договор меѓу овие две земји.
Во најголем број држави, животните со „странско државјанство“ мора да престојуваат одредено време во карантин. Гејс го споменува случајот на клиент кој се селел од Лондон за Сан Франциско со своите две патки. Бидејќи животните прво морале да престојуваат во американски карантин, нивниот сопственик инсистирал да им се обезбеди голема соба со базен и со сите можни погодности, а тој луксуз чинел 14.000 долари.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата