logo
logo
logo

БЕЗАЛКОХОЛЕН ЏИН НЕ ПОСТОИ: Европскиот суд ја забрани употребата на ова име

Vecer | 29.11.2025

БЕЗАЛКОХОЛЕН ЏИН НЕ ПОСТОИ: Европскиот суд ја забрани употребата на ова име

Највисоката судска инстанца на Европската Унија, Европскиот суд на правдата (ЕСП), пресуди дека безалкохолниот пијалак не може да се продава како џин, бидејќи тоа име е резервирано за специфичен алкохолен пијалак.

Судот во Луксембург објави дека ја донел одлуката по барање на германскиот суд, кој побарал од ЕСП да разјасни дали името џин без алкохол е спротивно на законите на Европската Унија.

Претходно, едно германско здружение побара од судот во Потсдам да ја забрани продажбата на пијалакот „Девствен џин без алкохол“, оценувајќи дека името ја крши директивата на ЕУ за дефиниција, опис, рекламирање и етикетирање на жестоки пијалоци, бидејќи џинот е исклучиво пијалак направен од земјоделски етил алкохол со вкус на борови дрвја.

Судот во Потсдам го потврди барањето на здружението, но сепак се обрати до ЕСП за совет, во дилема дали неговата одлука ги крши претприемачките слободи.

ЕСП оцени дека „законот на ЕУ јасно го забранува името и продажбата на пијалок, како што е предметниот, под етикетата „безалкохолен џин“, бидејќи не содржи алкохол“ и дека „затоа е бесмислено да се додава зборот безалкохолен на законски дефинираното име на џинот“.

„Нема ништо во Повелбата за основните права на ЕУ, во која се вкоренети претприемачките права, што е во спротивност со оваа забрана“, оцени ЕСП.

Судот додаде дека „забраната дури и не ја спречува продажбата на одреден производ, туку само неговата продажба под името резервирано со закон за одреден вид алкохолни пијалоци“.

Во исто време, се наведува во соопштението, забраната е оправдана бидејќи нејзината цел е да се спречи забуна кај потрошувачите во врска со составот на некои производи и да се заштитат производителите кои ги исполнуваат барањата на европските закони од нелојална конкуренција.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk