Глобалните и домашните услови, иселувањето… Што сѐ влијае врз бизнис-иницијативата во земјава и ја демотивира? Војни, немири низ светот. Германската економија се соочува со проблеми. Дома имавме двојни избори, а тоа е период во кој сите сегменти се во застој. Економскиот раст на државата е најнизок во регионот, и стандардот е на тоа ниво.
Па, дали се отпочнува бизнис во такви околности и опкружување? Да, но со намален интерес. Минатата година во Македонија се отворени 338 фирми помалку во споредба со 2023 година. А, пак, во 2023 година биле отворени 148 фирми помалку во однос на 2022 година. Таа година била подобра од 2021 година со само три нови фирми. По стагнацијата уследил пад.
Според порталот Пари во текот на 2024 година се регистрирани 8.179 нови фирми. Од над седумдесет градови и поголеми населени места во Македонија, во петнаесет од нив бројот на фирмите отворени лани е троцифрен. Промени се забележливи кај првата петорка. Од првото до третото место редоследот е ист ̶ Скопје, Тетово, Битола. На четврто и петто место се Струга и Охрид, кои со бројот на новите фирми ги потиснаа Куманово и Гостивар.
Главниот град, каде што е населена половина држава, нема конкуренција ниту со новоформираните фирми, 3.326 на број. Сепак, опаѓачкиот тренд не го заобиколил Скопје, а изразен е со 86 фирми помалку во споредба со 2023 година (кога имало 3.412 нови фирми).
Разликата во Тетово е 71. Од 541 во 2023 година на 470 отворени фирми лани. Во Битола има 369 нови, а претходно биле 398. Негативата е 29 фирми.
Бизнис-подем, барем со бројот на нови фирми, има во градовите на охридското крајбрежје. Во Струга се регистрирани 329 (307 во 2023 година), а во Охрид 321 нова фирма (260 во 2023 година). Во случајот на најголемиот туристички центар има зголемување за 61 правен субјект. Веројатно туризмот и високата посетеност имаат удел во поттикнување на бизнис-импулсот.
Троцифрен број на новоотворени фирми има и во: Куманово со 311, Гостивар со 270, Прилеп со 249, Струмица со 245, Штип со 210, Велес со 169, Кичево со 160, Кавадарци со 136, Гевгелија со 132, и Кочани со 121.
ЗГОЛЕМЕН Е ИНТЕРЕСОТ ЗА УМЕТНОСТ, СПОРТ И РЕКРЕАЦИЈА
Најголеми можности за работа и за заработка нуди трговијата, веројатно сметаат сите што се одлучиле за бизнис во оваа дејност. Трговијата е постојано на врвот од листата, на која во 2024 година прави пробив секторот уметност, спорт и рекреација. Овој сектор го зазема високото второ место со 981 нова фирма. Редоследот на другите е ист, но со извесни варијации во бројките.
На пример, во трговија на големо и на мало лани почнале со работа 1.818, а преклани 2.204 фирми.
Исто како и во 2023 година, градежништвото е на третата позиција, овојпат со 894 фирми. Тоа се 40 повеќе од преклани. Растечката тенденција е присутна веќе некое време, што не е изнанадување со оглед на градежните активности што се изведуваат на територијата на целата држава.
Следи дејноста објекти за сместување и сервисни дејности со храна, која во 2024 година се подновила со 803 фирми. Скорот е за две фирми подобар од 2023 година.
Затоа, пак, кај преработувачката индустрија има минус од 93 претпријатија во однос на 2023 година. Во 2024 година проработеле 696, а во 2023 година 789 фирми.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата