Голем шумски пожар го зафати грчкиот остров Парос, каде огнената стихија повторно се разгоре во текот на ноќта и се прошири низ јужниот и југоисточниот дел од островот. Пожарникарите веќе втор ден се борат со повеќе огнени фронтови, а властите наредија евеукација на жителите и туристите од десет области.
Силниот ветер дополнително ја отежнува борбата со пожарот, додека делови од југот на островот останаа без електрична енергија. Екипите на терен продолжуваат со напорите да го стават огнот под контрола, а надлежните апелираат до граѓаните и туристите да ги следат упатствата за безбедност објави „Еуроњуз“
Операцијата беше значително засилена рано утрово, во пресрет на дополнителното зајакнување на северниот ветер. Силните ветрови им го отежнуваат пристапот на копнените екипи и разнесуваат жар на големи растојанија, поради што постојано избувнуваат нови пожари.
Пожарот започна во вчера напладне во областа Кампи, во близина на депонијата на Парос, каде првично гореле отпад и ниска вегетација. Огнот бргу се проширил низ сувата трева, земјоделското земјиште и тешко пристапниот терен.
До доцна попладнето пожарот во голема мера бил ставен под контрола, но повторно се разгорел откако авионите и хеликоптерите престанале да дејствуваат по стемнувањето. Во текот на ноќта огнот се движел низ пошироката област Ангерија кон Трипити, додека втор фронт напредувал кон плажата Фарагас.
Изгореле ридот Апианес и големи површини покрај патот кон манастирот „Свети Теодори“, а голем дел од јужен Парос останал без електрична енергија. Уништени се најмалку два сточарски објекти, но сè уште нема целосна процена на штетата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата