logo
logo
logo

ШЕСТА НОЌ НА ПРОТЕСТИ ВО ПРИШТИНА: Илјадници ја читаа заклетвата на ОВК и бараа реакција од Собранието

Vecer | 22.09.2026

ШЕСТА НОЌ НА ПРОТЕСТИ ВО ПРИШТИНА: Илјадници ја читаа заклетвата на ОВК и бараа реакција од Собранието

Илјадници граѓани шеста ноќ по ред се собраа на плоштадот Скендербег во Приштина на масовни протести во Приштина, изразувајќи револт против првостепената пресуда на Специјализираните веќа во Хаг со која поранешните лидери на ОВК беа осудени на долгогодишни затворски казни. Учесниците на собирот организирано ја читаа војничката заклетва на ОВК, барајќи институционална реакција и итна правна интервенција од косовското Собрание.

На собирот доминираа амблеми и знамиња на Ослободителната војска на Косово. Текстот на војничката заклетва, во кој меѓу другото се ветува борба за ослободување и обединување на албанските земји, пред толпата го читаше поранешната припадничка на ОВК и поранешна пратеничка Аида Дергути.

Студентот Бљеард Меха пред присутните порача дека организацијата била целосно чиста во своите намери, бранејќи ги Хашим Тачи, Кадри Весељи, Јакуп Красниќи и Реџеп Сељими. Тој потсети и на случаите на Пјетер Шаља и Салих Мустафа.

Организаторот на протестот, Чљирим Хазири, наведе дека ова незадоволство не припаѓа на ниту една политичка партија и најави продолжување на собирите. Од косовското Собрание побара да не молчи, туку веднаш да отвори постапка за измена на Законот за Специјализираните веќа.

Хазири соопшти дека поранешниот претседател Тачи испратил поздрави од притворот во Хаг, заблагодарувајќи им се на граѓаните за масовната поддршка на плоштадот. На собирот се обрати и ветеранката Шќипе Красниќи, која пресудите од Хаг ги спореди со судските одлуки од деведесеттите години.

Пред вечерниот протест, студенти од јавните и приватните универзитети одржаа протестен марш од Студентскиот центар до плоштадот Скендербег. Тие носеа транспаренти со кои го оспоруваат легитимитетот на судот во Хаг и пуштија бели гулаби, барајќи ослободителни пресуди за четворицата поранешни команданти.

На студентскиот марш се приклучи и градоначалникот на Приштина, Перпарим Рама, повикувајќи ги институциите на единство и директна помош за тимовите на одбраната.

Серијата собири уследи откако судот во Хаг неправосилно ги осуди Тачи и Красниќи на по 25 години затвор, Весељи на 18, а Сељими на 13 години затвор за воени злосторства, додека обвинението за злосторства против човечноста беше отфрлено поради недостиг на докази за систематски напад врз цивили.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk