Студентите и граѓаните кои од утринава ја блокираа зградата на Основниот суд во Нови Пазар ја прекинаа блокадата, откако беше потврдено дека е укинат притворот за последните двајца граѓани што ги бранеа студентите на Државниот универзитет во Нови Пазар (ДУНП).
На овие лица им е одредена мерка куќен притвор.
Претседателот на Основниот суд во Нови Пазар, Един Хоџиќ, им се обрати на присутните студенти и граѓани, објаснувајќи дека за последните двајца осомничени е изречена мерка забрана за напуштање на домот, со примена на електронски надзор.
„Веќе се испратени решенијата во окружниот затвор во Нови Пазар и овие лица во текот на денот ќе бидат префрлени во домашен притвор“, изјави Хоџиќ, а пренесува N1.
Блокадата на обвинителството и судот во Нови Пазар беше прекината околу 14 часот, веднаш штом беше потврдено дека и на последните двајца приведени граѓани им е одреден куќен притвор.
Студентите и граѓаните ја поздравија ваквата одлука и веднаш ја завршија блокадата што започна утринава околу седум часот.
Да потсетиме, студентите со денови наназад повикуваа на протести пред судот во Нови Пазар, бидејќи две лица од вкупно 11 граѓани кои ги бранеа студентите на ДУНП, се наоѓаа во притвор.
Утринава пред зградата на Основниот суд дојде и до инцидент кога интервенираше полицијата. Од МВР, сепак, тврдат дека полицијата денеска не употребила средства за принуда во Нови Пазар.
Извор: N1
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата