Грчките власти привеле група италијански државјани поради сомнение дека незаконски ваделе и шверцувале заштитен црвен корал од морското дно кај островот Скопелос, во акција на специјалната единица ДЕОС при ААДЕ и крајбрежната стража. При претресот на изнајмена јахта биле пронајдени значителни количества корал, како и нуркачка опрема, алатки за негово вадење и простории за складирање, а вредноста на запленетиот материјал се проценува на околу 800.000 евра. Според грчките власти, коралот бил наменет за транспорт кон Италија, а истрагата продолжува со цел да се откријат и други лица поврзани со случајот, објави „Прото тема“.
Според грчките власти, осомничените изнајмиле јахта и ја користеле за нелегално вадење заштитен корал од морското дно. На неа биле пронајдени специјализирана нуркачка опрема, алати за сечење, простори за складирање и разладни комори за чување на коралот.
Случајот бил откриен по анализа на податоци поврзани со одредена транспортна компанија. Системите за анализа на ризик на ААДЕ забележале невообичаени пратки и маршрути кон пристаништа во северна и во централна Италија.
Истражителите со споредување на податоци од различни извори, меѓу кои декларации за јахтата, трансакции со платежни картички и маршрутите на транспортната компанија, утврдиле дека пловилото било поврзано со сомнителни пратки.

Според изворите, италијански нуркачи со искуство во длабочинско нуркање го ваделе коралот од одредени делови на морското дно.
Некои од локациите се наоѓале во или во близина на подрачја од мрежата Натура 2000, каде што коралните екосистеми се под строга заштита.
Запленетиот корал бил наменет за работилници во јужна Италија, каде што се користи како суровина за изработка на скап накит и на луксузни предмети.
Црвениот корал (Corallium rubrum) со векови се смета за „црвено злато“ на Средоземното Море. Особено развиена индустрија за обработка на корали постои во градот Торе дел Греко, во близина на Неапол.
Покрај легалната трговија, која се одвива со дозволи и под строги квоти, постои и црн пазар на кој незаконски извадениот корал се пренесува преку тајни канали и со лажни декларации.
Шверцот на корали е дел од пошироката нелегална трговија со морски видови. Корали, тропски риби, морски коњчиња и други видови често се продаваат на пазарот за луксузни аквариуми, накит и за украсни предмети.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата