Вистински хаос и жестоки судири ја одбележаа синоќешната 94-та по ред антивладина демонстрација во Тирана. Насобраниот народ излезе да протестира против контроверзната инвестиција во Звернец, но ситуацијата брзо ескалираше во насилен судир меѓу демонстрантите и полициските сили, при што беа повредени неколку полицајци од тврди предмети фрлени кон нив.
Драматичниот протест беше поделен на два фронта. Додека една група демонстранти држеше говори пред главниот влез, главното жариште се префрли на задниот влез каде побројна група се обиде насилно да пробие и да влезе во зградата на Владата, откако проструи информацијата дека премиерот Еди Рама се наоѓа во својот кабинет.

По неколку драматични предупредувања преку мегафон, полицијата мораше да употреби солзавец за да ја одбие разбеснетата маса. Кордонот беше итно засилен и со елитните припадници на специјалната единица „Ренеа“, кои целосно го блокираа пристапот до Владата.

Откако не успеаја да влезат во кабинетот, демонстрантите се упатија кон најблиската полициска станица, блокирајќи го влезот со барање итно да бидат ослободени 11-те лица кои беа приведени поради учество во насилствата. По нивното заминување, премиерот Еди Рама успеа да ја напушти зградата под максимални мерки за безбедност, додека воено-полициското присуство пред владината зграда остана во вонредна состојба.

Бран револт кој започна како еколошки протест против нарушувањето на животната средина со туристичкиот проект во Звернец, сега прерасна во тотален политички бунт. Граѓаните бараат неодложна оставка од Еди Рама, формирање преодна влада, укинување на спорните закони за заштитени подрачја, како и целосна промена на изборниот систем и чистење на „старата политичка каста“ од власта.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата