Две работнички задолжени за одржување на хигиената се повредени во пукање што утрово, околу 8 часот, се случило во Првото техничко училиште во српскиот град Крагуевац.Според првичните и сè уште неофицијални информации од српските медиуми, во зградата на училиштето влегол 17-годишен ученик вооружен со малокалибарска пушка и отворил оган кон помошниот персонал. Притоа се ранети две жени вработени како хигиеничарки во образовната установа, при што српскиот јавен сервис РТС пренесува дека повредените не се во животна опасност.
Полициска патрола која се наоѓала во близина веднаш интервенирала, го совладала и го привела осомничениот тинејџер. Никој од учениците и наставниот кадар не е повреден.На местото на настанот веднаш пристигнале бројни полициски сили, вклучително и припадници на Жандармеријата, како и екипи на Итната медицинска помош. Целиот простор околу училишниот двор и пристапот до објектот се целосно блокирани додека трае увидот, а учениците заедно со професорите биле задржани на безбедно во училниците.Министерството за внатрешни работи на Србија сè уште се нема официјално огласено за мотивите на нападот и за точните околности под кои се случил инцидентот. Повеќе детали се очекуваат во текот на денот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата