Европската комисија реагираше на скандирањето „За дом спремни“ на концертот на Марко Перковиќ Томпсон и на другата усташка симболика што беше нагласена преку песни и знаци од страна на некои од посетителите на концертот во петокот и саботата во Загреб.
„Остро го осудуваме секој израз на фашизам што нè потсетува на најтемните периоди од европската историја“, изјави Европската комисија кога беше прашана за концертот и настаните околу него, како и за изјавите на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој го бранеше оригиналниот усташки поздрав „За дом спремни“ по концертот, велејќи дека тој е „составен дел од репертоарот на Томпсон“ и дека „сите мора да бидеме горди на концертот“.
„На ниво на ЕУ, постои Рамковна одлука за борба против расизмот и ксенофобијата, која ги обврзува земјите-членки да го криминализираат говорот на омраза. Ова вклучува јавно поттикнување насилство или омраза кон поединци или групи врз основа на раса, боја на кожа, религија, потекло или национално или етничко потекло“, вели Комисијата.
„Земјите-членки се исто така обврзани да гонат јавното одобрување, негирање или грубо тривијализирање на злосторства како што се геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства. Националните власти се одговорни за секој поединечен извештај за говор на омраза или злосторство од омраза и се обврзани да дејствуваат во согласност со националното законодавство што ја транспонирало оваа Рамковна одлука“, изјави портпаролот на Комисијата за Индекс.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата