Покраинскиот суд во Хамбург привремено му забрани на неделникот „Дер Шпигел“ да објавува тврдења дека српскиот претседател Александар Вучиќ наводно бил вмешан во активности поврзани со случајот „Сараево Сафари“, објави овој суд во петок.
„Привремената мерка му забранува на списанието „Дер Шпигел“: понатамошно објавување и ширење на наводи што предизвикуваат сомневања дека претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, наводно бил вмешан во „сафари“ за време на опсадата на Сараево“, се вели во соопштението.
Се додава дека Судот заклучил дека основните законски стандарди за вакви сериозни наводи не се исполнети, особено во однос на обврската за внимателно проверување на фактите и правото на соодветно објаснување пред објавувањето.
„На странката против кого е поднесено барањето му е издадена привремена мерка со која му се забранува да изнесува или шири тврдења... што би можеле да предизвикаат сомневање дека подносителот на барањето, како дел од опсадата на Сараево од 1992 до 1995 година, учествувал во целно убивање цивили од странски туристи, како што е наведено во статијата „Богати Европејци кои патувале во Сараево за да ловат луѓе“, се вели во соопштението за медиумите на Регионалниот суд во Хамбург.
Пресудата, која е донесена на 18 мај, цитира од статија објавена во печатена форма на 17 март 2026 година, а која „Дер Шпигел“ не смее да ја објави до понатамошно известување.
На крајот од соопштението за медиумите се наведува дека „Шпигел“ има право да поднесе жалба на оваа одлука. Во моментот на пишување на овој текст, неделникот сè уште не го отстранил споменатиот текст од својата страница.
Советничката за медиуми на Александар Вучиќ, Сузана Васиљевиќ, претходно изјави дека одлуката на судот во Хамбург „претставува важна потврда дека дури и во случај на политички експонирани лица постојат јасни стандарди за одговорно и професионално известување, особено кога станува збор за сериозни и неосновани обвинувања што можат сериозно да го загрозат нечиј углед“.
Како што истакна таа, претседателот Вучиќ ќе продолжи да го штити своето право на вистина и правна заштита пред сите домашни и меѓународни институции.
„Претседателот Вучиќ експлицитно се залага за целосна судска истрага на сите воени злосторства и други сериозни кривични дела, како што е само по себе очигледно во правна држава. Токму затоа е потребно вакви сериозни обвинувања да не се шират врз основа на неосновани сомневања, а со оглед на извештајот на „Шпигел“, претседателот беше принуден законски да реагира против таков извештај за да спречи понатамошна штета на неговата личност и на Република Србија“, изјави Сузана Васиљевиќ, советник за медиуми на претседателот на Републиката.
Судот во Хамбург донесе одлука за привремена забрана за објава на горенаведените тврдења за учеството на Вучиќ, реагирајќи врз основа на тужбата што српскиот претседател ја поднесе против неделникот „Шпигел“, изјави советникот за медиуми на Вучиќ, јави Радио-телевизија Србија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата