Конститутивната седница на собранието на привремените институции на Приштина беше прекината денес, по 53-ти пат, а претседателот на седницата, Авни Дехари, закажа нов обид за вечерва во 22 часот.
Денес истекува рокот од 30 дена што го одреди Уставниот суд за завршување на процесот на конституирање.
Претседавачот на седницата, Авни Дехари, ја прекина денешната седница по уште едно неуспешно гласање за избор на Комисијата за тајно гласање, и закажа нова, 54-та седница за вечерва во 22 часот, јавуваат приштинските медиуми.
На 26 јуни, Уставниот суд во Приштина донесе пресуда според која пратениците се должни да ја завршат конститутивната седница најдоцна во рок од 30 дена.
На 24 јули, Уставниот суд донесе привремена мерка со која се забранува каква било одлука и дејствување на пратениците во врска со конститутивната седница по истекот на овој период, а оваа забрана ќе важи од утре, 27 јули, до 8 август.
Констутивната седница започна пред три месеци, на 15 април, и беше прекината прво поради непотврдување на мандатите за пратениците, а потоа и затоа што кандидатката на Самоопределување за претседател на Парламентот, Аљбуљена Хаџију, не го доби потребниот број гласови.
Од почетокот на мај, седницата е прекината бидејќи опозицијата не го прифаќа предлогот на Самоопределување гласањето за избор на претседател на Собранието да биде тајно.
Самоопределување инсистира гласањето да биде тајно и не се откажува од својата кандидатка Аљбуљена Хаџију, иако во шест изборни обиди таа никогаш не добила повеќе од 57 гласа, а за да биде избрана се потребни 61 глас.
На изборите одржани на 9 февруари, Самоопределување освои 48 мандати, Демократската партија на Косово 24, Демократскиот сојуз на Косово 20, Алијансата за иднината на Косово и иницијативата Нисма осум, Српската листа девет, Партијата за слобода, правда и опстанок еден, а преостанатите 10 мандати им припаѓаат на претставници на другите немнозински заедници.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата