Откако албанскиот премиер Еди Рама ја шокираше јавноста со најавата за формирање независна држава на Бекташкиот ред усред Тирана, експертите предупредуваат дека зад овој проект се крие сложена игра на религијата, политиката и меѓународните односи. Новата микродржава, предвидена на површина од само 10 хектари, колку четвртина од Ватикан, треба да има сопствена администрација, пасоши и граници.
За разлика од традиционалните исламски центри, новата бекташка држава најавува комплетна слобода: дозволено консумирање алкохол, слободен стил на облекување и нула наметнување на правила за животот, одразувајќи ја либералната суфиска традиција.

Американски прсти и омекнување на исламот?
Со оглед на тоа што зад проектот јавно застанаа САД, во меѓународните кругови се отвора прашањето: Дали Вашингтон се обидува да протурка „умерен ислам“ како противтежа на радикалните струи и затегнатите односи со нафтените гиганти од Блискиот Исток? За споредба, исламските земји од Персискиот Залив контролираат огромни резерви - Саудиска Арабија располага со 267 милијарди барели нафта, Иран со 209, а Ирак со 145 милијарди. Создавањето прозападен, толерантен исламски центар на тлото на НАТО-членка како Албанија совршено се вклопува во западната дипломатија.

Погрешна е паралелата со Ватикан
Директорот на ИФИМЕС, Зијад Беќировиќ, за Спутник истакнува дека споредбата со Католичката црква е претерана:
„Ватикан е производ на вековен развој и Латеранскиот договор од 1929 година. Затоа е попрецизно да зборуваме за верска микродржава или експеримент по примерот на Суверениот Малтешки ред, кој има дипломатски односи, но нема класична територија. Тежината на овој проект не е во хектарите, туку во идејата што ја претставува.“
Грчкиот аналитичар Никос Арванитис додава дека Рама вешто го користи ова за зголемување на сопствениот дипломатски капитал:
„Албанија со години ја гради сликата за верска коегзистенција. Со ова, Тирана не сака да биде само административно седиште, туку глобален политичко-верски центар. Тоа е чист инструмент на ’мека моќ‘.“
Внатрешен хаос и револт кај самите Бекташи
Сепак, проектот отвора сериозни парадокси. Прашањето е - кој ѝ даде право на Тирана да говори во името на сите Бекташи во светот?
Од вкупно 20 милиони припадници на овој ред, дури 12,5 милиони живеат во Турција. Во самата Албанија ги има околу 115.000 (околу 5% од населението), додека помали заедници постојат во Македонија, Косово и Грција. Дел од бекташките авторитети во Турција и на Балканот веќе отворено го одбиваат проектот, предупредувајќи дека оваа држава нема да ги обедини верниците, туку само ќе ги продлабочи и институционализира веќе постоечките поделби.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата