Грција ќе го суспендира приемот на барања за азил од луѓе што доаѓаат од Северна Африка за три месеци, по зголемувањето на бројот на пристигнувања на островот Крит, изјави денес премиерот на земјата Киријакос Мицотакис.
„Грција ќе ја извести Европската комисија дека го суспендира разгледувањето на барањата за азил за три месеци за мигрантите што пристигнуваат во Грција од Северна Африка со брод. Сите имигранти што нелегално влегуваат во земјата ќе бидат уапсени и притворени“, изјави Мицотакис пред членовите на грчкиот парламент, пренесува ЕРТ.
Тој додаде дека разговорите со Либија сè уште се во тек и дека грчките вооружени сили, морнарицата и крајбрежната стража се „подготвени да соработуваат со либиските власти за да се спречи бродовите да го напуштат брегот“ на земјата или, во случај тие бродови да заминат, „да се вратат таму каде што започнале пред да влезат во меѓународни води“.
„Преминот кон Грција се затвора. Им кажувам на сите трговци со луѓе и на сите нивни потенцијални клиенти дека парите што ги трошат можат целосно да бидат потрошени“, рече грчкиот премиер.
По средбата со министерот за миграциска политика, Танос Плеврис, премиерот Мицотакис во парламентот најави построги мерки по зголемениот прилив на мигранти од Африка кон Крит.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата