Илјадници луѓе во Грција и Турција беа принудени да се евакуираат, бидејќи пожарникарите во тие земји се борат да ги локализираат шумските пожари предизвикани од силни ветрови и екстремна топлина.
Додека температурите во југоисточна Европа надминаа 40 степени Целзиусови седми ден по ред, грчкиот премиер ги пофали спасувачите за водењето „титанска битка“ за ставање на пожарите под контрола.

„Државната машинерија е повикана да се вклучи во титанска битка, истовремено реагирајќи на десетици шумски пожари низ целата земја. Оние кои го виделе својот имот уништен од бесот на пожарот, знаат дека државата ќе биде со вас“, рече премиерот Киријакос Мицотакис.
Единаесет региони во Грција се соочуваат со многу висок ризик од пожар, а владата апелираше до партнерите од ЕУ да ѝ помогнат да се справи со пожарите што горат на повеќе фронтови.

Службите за итни случаи соопштија дека иако пожарот во кој беа повредени двајца пожарникари во Крионери, североисточно од Атина, е успешно изгаснат, пожарите околу Месинија во југозападниот Пелопонез и на популарниот остров Китера не се ставени под контрола.

Властите, исто така, се бореа со пожарите на островите Евија и Крит. Во сите погодени области, жителите добија известувања за евакуација.

Неколку региони се ставени под црвена тревога од категорија 5, највисока на национално ниво, поради условите влошени од екстремните временски услови што го претворија теренот во пепел.

Националната опсерваторија во Атина во петокот регистрираше температура од 45,8 степени во Месинија. Во саботата, температурата достигна 45,2 степени во Амфилохија, во западна Грција.

Доцна во неделата, кога чешките пожарникари и италијанските пожарникари им се придружија на тимовите за итни случаи во Грција, фокусот се префрли на Китера.
Во Турција, каде што југоисточната покраина Ширнак регистрираше рекордна температура од 50,5 степени Целзиусови - соборувајќи го претходниот рекорд од 49,5 степени во август 2023 година - повеќе од 1.700 луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови откако пожарите се проширија кон Бурса, четвртиот по големина град во земјата. Орхан Сарибал, опозициски пратеник, ја опиша сцената како „апокалипса“.
Повеќе од 1.100 пожарникари се бореа со пожарите, а властите велат дека најмалку 76 пожари избувнале во период од 24 часа. Турција со недели е погодена од бројни пожари предизвикани од жештината.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата