Хрватската полиција уапси најмалку три млади лица, меѓу кои и еден малолетник, под сомнение дека се автори на серијата лажни дојави за бомби што изминативе десет дена ја кренаа државата на нозе. Апсењата се извршени во Загреб и Далмација по опсежна истрага во која беше вклучена и меѓународна помош.
Осомничените испратиле над 220 заканувачки мејлови до училишта, градинки, трговски центри и полициски станици. Иако во пораките на инфантилен начин се претставувале како „радикална исламистичка ќелија“ и најавувале крвопролевање, истрагата потврди дека нема никаква врска со тероризам, туку се работи за крајно неодговорно однесување.
Иако сите дојави беа лажни, протоколите за проверка предизвикаа тотален колапс и парализа на институциите низ цела Хрватска. Полицијата откри дека дел од мејловите биле испраќани преку скриени сервери од Африка и Северна Европа за да се прикријат трагите. Против уапсените ќе бидат поднесени кривични пријави за предизвикување лажна узбуна, а не се исклучуваат и потешки обвиненија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата