Закон во Франција: Кој политичар ќе вработи член од семејството - добива 3 години робија

Францускиот парламент го донесе законот за моралноста на политичкиот живот, со кој се забранува политичари да вработуваат членови на нивните семејства, што е прв голем законодавен чекор на претседателот Емануел Макрон.
Законот забранува министри, пратеници и членови на локалните власти да вработуваат венчани или невенчани сопружници, родители и деца, а ако го сторат тоа им се заканува казна од три години затвор и 45.000 евра.

Законот беше поддржан од 383 пратеници, три беа против, а 48 воздржани.
Француската министерка за правда, Никол Белуб, честиташе, како што рече, за овој многу позитивен сигнал до сограѓаните.

"Слонот роди глушец"

Макрон вети брзо усвојување на овој предлог-закон откако претседателската кампања ја стави во прашање соодветноста на некои кандидати.

Претседателскиот кандидат на десницата Франсоа Фијон, кој на почетокот на кампањата беше фаворит за нов шеф на државата, доживеа голем пад на популарноста по избивањето на скандалот поради фиктивни работни места во Собранието на неговата сопруга Пенелопа и нивните две од петте деца.

Против Фијон, за време на кампањата, беше подигнато прелиминарно обвинение за злоупотреба на јавни средства. Подоцна обвинението е поднесено против неговата сопруга.

Екстремната десничарска партија, Националниот фронт на Марин Ле Пен, беше предмет на истраги за злоупотреби и измама.

Законот исто така предвидува контрола и за други видови на членови на семејството, вклучувајќи ја и забраната за вршење на советодавни активности за да се избегне конфликт на интереси, како и нов систем на контрола на нивните трошоци, кои ќе бидат следени од страна на Министерството за економија со цел да се избегне затајување данок и други измами.

Пред францускиот парламент следната среда ќе биде и друг закон за морализација со кој ќе се укинат дополнителни финансиски средства кои пратениците до сега ќе можеа да ги насочуваат кон заедницата и општеството како што сакаат.

Клучни закони

Парламентот треба да разгледа уште два клучни предлог-закони што ги вети Макрон за време на кампањата.

Еден од нив се однесува на борбата против тероризмот и предвидува зајакнување на безбедносните мерки за борба против тероризмот и за зајакнување на внатрешната безбедност на земјата, така што во догледно време да се укине вонредната состојба наметната во 2015 година по терористичките напади во Франција.

Вториот предлог-закон се однесува на либерализацијата на трудовите закони за намалување на невработеноста, пренесуваат агенциите.

Поврзани

Најнови вести

Коментари