Во вторник ќе ги објавиме деталите за смртта на Кашоги, најави Ердоган

Турскиот претседател, Реџеп Тајип Ердоган изјави дека во вторник ќе објави детали за истрагата за смртта на саудскиот новинар, Џамал Кашоги во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.

Во обраќање кон пратениците во Истанбул, Ердоган рече дека Турција бара правда и дека за случајот детално ќе говорат членовите на владејачката партија во парламентот, пренесе „Асошиејтед прес“.

Саудиска Арабија вчера соопшти дека Кашоги починал по тепачка во Конзулатот и дека поради тоа се уапсени 18 лица, но не ги призна тврдењата на Анкара дека новинарот бил мачен, убиен и распарчен, а неговото тело скриено. Ријад не ги признава ни наводите на провладините медиуми во Турција дека група од 15 лица биле испратени од Саудиска Арабија во Истанбул за да го убијат Кашоги.

Новинарот последен пат беше виден на 2 октомври како влегува во саудискиот конзулат по документи за венчавка. Бројни земји и меѓународни организации се сомневаат во веродостојноста на тврдењата на Ријад.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари