Лондон, Париз и Берлин порачаа: Ријад да ги докаже тврдењата за смртта на Кашоги

Саудиска Арабија мора да приложи докази за нејзиното објаснување, во врска со убиството на новинарот Џамал Кашоги, порачаа Велика Британија, Франција и Германија.

„Ништо не може да го оправда убиството кое најостро го осудуваме“, се наведува во заедночкото соопштение, пренесе „Ројтерс“.

Трите европски земји сметаат дека е неопходно итно да се  разјасни што точно се случило и тоа да биде поткрепено со докази за да се смета за веродостојно.

Велика Британија, Франција и Германија очекуваат да бидат вложени повеќе напори за да се утврди вистината и да се обезбеди соодветна одговорност.

Истовремено, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган соопшти дека на состанок во вторник во парламентот, со членовите на неговата владејачка партија ќе каже сѐ што треба во врска со убиството на саудсикиот новинар.

Саудиска Арабија вчера соопшти дека Кашоги починал по тепачка во саудискиот конзулат во Истанбул и дека поради тоа се уапсени 18 лица, но не ги призна тврдењата на Анкара дека новинарот бил мачен, убиен и распарчен, а неговото тело скриено. Ријад не ги признава ни наводите на провладините медиуми во Турција дека група од 15 лица биле испратени од Саудиска Арабија во Истанбул за да го убијат Кашоги.

Новинарот последен пат беше виден на 2 октомври како влегува во саудискиот конзулат по документи за женидба. Бројни земји и меѓународни организации се сомневаат во веродостојноста на тврдењата на Ријад.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари