Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, денес оцени, во врска со израелскиот напад врз Иран, дека заканата од нуклеарен конфликт е реална, но дека никому не му е потребен.
„Често ме обвинуваат дека поттикнувам нуклеарна хистерија. Еве ви! Кога пишувам за нуклеарен конфликт, не е само тоа. Реално е. И брзо. Никому не му е потребно тоа“, напиша Медведев на својот Телеграм канал.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) започнаа голема операција преку ноќ во која воздухопловните сили напаѓаат воени цели и локации на нуклеарната програма на Иран.
Во утринскиот напад, според иранската агенција, загинаа бројни команданти, научници и цивили.
Засега е познато дека загинале тројца команданти и шест научници кои работеле на развојот на нуклеарната програма, додека не е познато точно колку други луѓе загинале.
Иран побара итна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации за да се разговара за израелските напади врз земјата, изјави иранската мисија во ОН за Си-Ен-Ен.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата